Авиокомпании летаат празни само за да ги задржат местата на аеродромите


„Луфтханза“ објави 6,73 милијарди евра чиста загуба во текот на 2020

Најмалку 100.000 „летови на духови“ ќе има низ Европа оваа зима поради правилата за користење на аеродромите во ЕУ, покажува анализа на Гринпис.Непотребните или непрофитабилни летови треба да им овозможат на авиокомпаниите да ги задржат правата за полетување и слетување на пистите на големите аеродроми, но тие исто така генерираат до 2,1 милиони тони емисии на стакленички гасови – рамно на емисиите на гас на  1,4 милиони просечни бензински или дизел автомобили за една година – вели Гринпис.

„ Европската комисија бара од авиокомпаниите да летаат со празни авиони за да исполнат произволна квота која, не само што загадува, туку е крајно лицемерна со оглед на нивната климатска реторика“, вели Хервиг Шустер, портпарол на кампањата „Европска мобилност за сите“ на Гринпис.

„ Штетните емисии од транспортот вртоглаво растат“, рече тој. „Би било неодговорно од страна на ЕУ да не ги прекине „летовите на духови“ и да не ги забрани летови на кратки релации каде што има разумна железничка врска“.

Кога започна пандемијата со ковид, Европската комисија го намали  условот за летовите што авиокомпаниите мора да ги исполнат за да ги одржат отворените слотовите од 80% на 25%. Но, во декември минатата година, Брисел го зголеми условот на 50%, зголемувајќи го повторно на 64% во март.

Извршниот директор на „Луфтханза“, Карстен Спор, рече дека неговата авиокомпанија можеби ќе треба да оствари 18.000 „дополнителни, непотребни летови“ за да ги исполни новите  правила и повика на „исклучоци погодни за климата“ што се користат во другите делови на светот. Портпаролот на „Луфтханза“ рече дека меѓу јануари и март 2021 година само 45 отсто од нејзините летови биле полни. Останатите 5%, или 18.000 летови, „ги дефинираме како непотребни“, додаде портпаролот. „Ако не ризикувавме губење на слотови на одредени аеродроми во Европа, веројатно ќе ги откажевме и ќе ги споевме заедно со другите постоечки летови“.

Гринпис го примени процентот на ваквите празни летови на „Луфтханза“ на други европски авиокомпании и процени дека тие ќе предизвикаат 20 тони емисии на стакленички гасови по лет. Истражувањето претпоставува просечно време на лет од 90 минути со авион со 200 седишта, на растојание од 800-1.000 километри.

Тим Џонсон, директор на Федерацијата за воздухопловна средина, рече дека претпоставките на Гринпис се „на место“.

„Тоа укажува на реален проблем на авиокомпаниите кои се принудени да летаат празни за  да ги задржат своите слотови“.

Социјалистичките европратеници во Европскиот парламент побараа одговори за проблемот, а Грета Тунберг, водачот на протестите за климата,  твитна дека „ЕУ сигурно е во режим на климатска вонредна состојба“.

Европската комисија негира дека авиопревозниците летаат со празни авиони и дека нејзините правила за слотовите  „користете ги или ќе ги изгубите“ создаваат проблеми. Портпаролот на Комисијата рече: „Празните летови се лоши за економијата и животната средина и токму затоа презедовме неколку мерки со кои им дозволуваме на компаниите да немаат толку празни летови. Ако авиокомпаниите решат да ги задржат празните летови, ова е одлука на компанијата, а не  резултат на правилата на ЕУ“. Брисел тврди дека  авиокомпаниите може да побараат да прекинат со летовите дури и ако тие се нарушени поради „строги санитарни мерки“, како што се новите владини ограничувања за патување.

На почетокот на овој месец, извршниот директор на Ryanair, Мајкл О’Лири, се пожали дека големите авиокомпании имаат корист од дарежливите паузи во ЕУ и повторно се несреќни и бараат изговори повикувајќи се на  животната средина. Ирската нискобуџетна авиокомпанија сака тие да продаваат непродадени билети по евтини цени, а Комисијата да ги принуди да ги ослободат неискористените слотови.

„Ер Франс“ вели дека сака поголема флексибилност на правилата за слот, но портпаролот рече дека нема да даде податоци за тоа со каков капацитет и со колку непотребни летови лета во моментов.

Џонсон смета дека е правилно што фокусот е на влијанијата врз климата кога огромни количини на CO2 се ослободуваат непотребно, но дека има „поширока битка во индустријата“ што укажа на потребата од реформа на слотовите.

„Ни треба нешто што вистински ја наградува ефикасноста“, рече тој. „Некаков вид на критериум за ефикасност како основа за доделување слотови што ќе му овозможи на операторот со модерен полн авион да има предност пред ривалските превозници, кои работат со многу помали фактори на оптоварување или постари технологии“, изјави тој.