Астрономите забележале повторлив радиосигнал, па открија егзопланета со големина на Земјата


Астрономите открија повторлив радиосигнал кој доаѓа од егзопланета и ѕвездата околу која орбитира. Овој систем е оддалечен 12 светлосни години, а сигналот покажува дека планетата со големина колку Земјата би можела да има магнетно поле, а можеби дури и атмосфера.

Имено, магнетното поле на Земјата ја штити атмосферата со одбивање на енергетските честички и плазмата што доаѓаат од Сонцето. Ако најдеме атмосфери околу планети надвор од нашиот Сончев систем, тоа би значело дека постојат други светови во универзумот кои можат да го поддржат развојот на животот.

Научниците забележале силни радиобранови кои доаѓаат од ѕвездата YZ Ceti и карпестата егзопланета која орбитира околу неа, наречена YZ Ceti b. Тие веруваат дека сигналот е предизвикан од интеракцијата помеѓу магнетното поле на планетата и ѕвездата.

Како се создаваат силни радиобранови?
За радиобрановите да бидат откриени од Земјата, тие мора да бидат многу силни, велат астрономите. „Дали планетата ќе има атмосфера или не, може да зависи од тоа дали има силно магнетно поле“, рече астрофизичарот Себастијан Пинеда од Универзитетот во Колорадо Болдер во САД, како што објави Си-ен-ен.

Научниците претходно открија магнетни полиња на егзопланети слични по големина на Јупитер, најголемата планета во нашиот Сончев систем. Сепак, многу потешко е да се најдат магнетни полиња на помали планети со големина на Земјата.

„Бараме планети кои се многу блиску до нивните ѕвезди и слични по големина на Земјата. Овие планети се премногу блиску до нивните ѕвезди за да можеме да живееме на нив, но поради таа положба тие некако мораат да се пробијат низ масата на работи кои доаѓаат од ѕвездата“, рече  астрономот Џеки Виладсен од Универзитетот Бакнел во САД.

„Ако планетата има магнетно поле и помине низ доволно материјал од ѕвездата, тоа ќе предизвика емитување силни радио бранови“, додаде таа.

Аурора на ѕвезда
Егзопланетата YZ Ceti b прави круг околу својата ѕвезда за само два земјини дена. За споредба, во нашиот Сончев систем, Меркур ја има најкратката орбита, на која и се потребни 88 дена за да го обиколи Сонцето. Додека YZ Ceti b орбитира околу својата ѕвезда, нејзината плазма се судира со магнетното поле на планетата, а потоа отскокнува и влегува во интеракција со магнетното поле на ѕвездата.

Сите овие енергетски реакции создаваат и ослободуваат силни радиобранови кои можат да се детектираат од Земјата. Интересен податок е тоа што научниците претпоставуваат дека интеракциите помеѓу YZ Ceti и неговата планета создаваат поларна светлина, но не на егзопланетата, туку на ѕвездата.

„Всушност гледаме поларна светлина на ѕвездата – тоа е всушност тој радиосигнал. Ако оваа планета има атмосфера, би требало да има и поларни светлина“, објасни Пинеда. Научниците веруваат дека YZ Ceti b е најдобриот кандидат забележан досега за карпеста егзопланета со магнетно поле. „

Тоа навистина би можело да биде. Но, мислам дека ќе бидат потребни многу дополнителни истражувања за да се потврди тоа“, рече Виладсен.

Истражувањето, наречено Coherent radio bursts from known M-dwarf planet-host YZ Ceti , беше објавено во списанието Nature Astronomy.