Астматичарите бараат инхалаторите да бидат надвор од квотите


Астматичарите, кои во државава бројат од 80.000 до 100.000, секојдневно се соочуваат со проблем, оти не можат во аптеките да ја најдат инхалаторната терапија која е на позитивна листа, а им ја препишале лекарите. Пулмолозите се обратиле со молба до Фондот за здравствено осигурување со предлог оваа терапија да биде ставена надвор од квотите и да ја има постојано за пациентите, за да можат континуирано да ја употребуваат и да немаат прекин во терапијата бидејќи со неа ја држат болеста под контрола. Претседателката на македонското Здружение на лекари пулмолози, д-р Бисерка Ќаева-Јовковска, посочи дека астматичарите покрај маката со болеста вложуваат многу труд и напори шетајќи од аптека до аптека да го најдат препишаниот лек. За ваквиот проблем, рече, лекарите секојдневно добиваат поплаки од пациентите.

„Проблем со кој ние секојдневно се соочуваме и го слушаме од пациентите е тој со неподигнувањето лекови од аптеките. Ние како Клиника и како здруженија апелиравме, се обративме до Фондот за здравствено осигурување со молба да се издвои инхалаторната терапија од квотата што ја имаат аптеките, но за жал немаме повратен одговор. Се надевам дека и тоа ќе се заврши во интерес на болните, оти залудно е препишувањето на лекот и контролите доколку пациентот не успее да го прими препишаниот лек“, рече Ќаева-Јовковска.

Болните, пак, од тешка форма на астма, а ги има помалку од пет отсто, имаат потреба од биолошка терапија која сè уште не е достапна бидејќи лековите не се регистрирани во земјава.

„Помалку од пет отсто од болните со тешка форма на астма бараат посебен вид на терапија, односно тоа е биолошка терапија која сè уште не ни е достапна тука. Станува збор за лекови што не се регистрирани во нашата земја. Меѓутоа нашите напори ќе продолжат и понатаму, да издејствуваме овие болни иако се во мал процент да ја добијат терапијата“, додаде Ќаева-Јовковска.

Податоците од Клиниката за пулмологија и алергологија во Скопје покажуваат дека бројот на новодијагностицирани и амбулантски прегледи на болни од астма е во пораст, но регистриран е пад на бројот на болнички третираните пациенти, податок кој укажува на остварување на целта во третманот на астмата. Контролата на болеста е постигната кога пациентот нема ноќни будења поради астма, нема симптоми на астма, ретко или воопшто не употребува лекови за олеснување на тегобите, нема ограничување во физичката активност, има нормална или скоро нормална белодробна функција, нема или многу ретко има напади на астма.

„Најчести симптоми на астма се кашлица, свирење во градите и тешкотии при дишењето. Понекогаш астмата може да се јави во форма само на кашлица без никаква причина и во тој случај е многу тешко да се открие. Затоа некои случаи треба посериозно да се обработат кога се работи за хронична кашлица. Многу причини има за хронична кашлица меѓутоа една од почестите е астмата. Затоа секој пациент кој ги има овие симптоми треба да се јави кај својот матичен лекар и тој ќе проценти понатаму што да направи и како да дојде до дијагнозата“, рече директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија д-р Дејан Докиќ.

Пулмолозите објаснуваат дека пациентите треба со својот лекар да направат план за да ги намалат ризиците и да ги контролираат симптомите. Една од алатките е тестот, чии резултати се добар патоказ дали астмата е под контрола.

Астмата е една од најчестите болести и во детската возраст, која освен во светот и во земјава бележи раст. Иако бројот на новодијагностицирани и амбулантски прегледани болни од астма е во пораст, позитивно е тоа што изминативе 15 години нема смртен случај од астма. Со оваа дијагноза во светот се 338 милиони луѓе.

 

Многу процедури, малку лекови

Осигурениците што имаат пропишана хронична терапија, вклучително и инхалаторна терапија за астма и ХОББ, можат да одат во најблиската аптека и да ја подигнат на товар на Фондот. Доколку аптеката не располага со лекот во моментот, тогаш треба истиот да го набави за потребите на осигуреното лице, велат од Фондот за здравствено осигурување. Во меѓувреме го разгледуваат барањето инхалаторната терапија да биде изземена од квотите на Фондот.

„Барањето инхалаторната терапија да биде изземена од квотите на Фондот е добиено и се разгледува. Податоците на Фондот покажуваат дека обезбедувањето на инхалаторна терапија бележи раст во изминатите години. Имено, во 2015 година бројот на реализирани рецепти за инхалаторна терапија изнесува 274.986 додека во 2018 година тој број е 336.571 рецепт, односно зголемувањето е 22 отсто. Што се однесува до финансиите, во 2015 година Фондот обезбедил 286,7 милиони денари (околу 4,7 милиони евра), а во 2018 година обезбедил 360,15 милиони денари (околу 5,9 милиони евра), што е за околу 1,2 милион евра повеќегодишно обезбедени средства за инхалаторна терапија. Фондот веќе обезбедува 14 различни генерички имиња на лекови, со одредена форма и јачина, односно 19 заштитени имиња од различни производители во моментот“, велат од Фондот.

Едно од можните долгорочни решенија за континуирана снабденост на лекови со рецепт на товар на Фондот е и концептот на воведување на EHR – електронско здравствено досие за секој осигуреник со кое во реално време ќе бидат достапни сите податоци за тоа кој лекар каков лек пропишал за кој осигуреник и каде тој ја подигнал терапијата. Деновиве во Фондот нема доставено информации ниту поплаки од осигуреници дека не можеле да набават одредена терапија во аптеките.

„Сакаме повторно да напоменеме дека снабденоста на осигурениците со лекови на рецепт на товар на Фондот зависи од повеќе фактори, како договорите со веледрогериите (цени, рокови на испораки и плаќања и др.), потребите и навиките на осигурениците, гравитирање на осигурениците и навика да ги бараат лековите само во аптеки на пофреквентни локации, праксата на лекарите за препорачување и пропишување лекови, структурата на населението, навиките или флуктуацијата на население (осигурениците можат да побараат и подигнат терапија во било која аптека на територијата на РСМ која има склучен договор со Фондот), создавањето и чувањето на домашни резерви на лекови, (не)рационалноста во пропишувањето и користењето на лекови, односно одговорно пропишување и користење на лекови“, додадоа од Фондот.

Кога осигурено лице ќе се соочи со тешкотии при набавка на лекови, може да се обрати до службите на Фондот (подрачни служби) или преку имејл или преку бесплатниот телефонски број. Од Фондот посочуваат дека континуирано ја следат состојбата со достапноста на лекови и интервенираат на соодветен начин. Буџетот за лекови за годинава е три милијарди денари, а бројот на реализирани рецепти надмина 23 милиони годишно.

Вероника Мароска-Леова