Артан Груби останува во куќен притвор
Поранешниот вицепремиер и министер Артан Груби останува во куќен притвор со 24-часовно полициско обезбедување, откако Кривичниот суд го прифати барањето на Обвинителството за продолжување на мерката.
Од Обвинителството за „Фокус“ информирале дека побарале продолжување на истата мерка за обезбедување на осомничениот, а судот ја прифатил нивната иницијатива. Со тоа, Груби и натаму ќе остане во домашен притвор под постојан надзор.
Груби се врати во Македонија на 23 февруари, по повеќе од 14 месеци бегство. Наместо да биде спроведен во истражниот затвор „Шутка“, му беше одреден куќен притвор поради наведени безбедносни закани.
Тој е осомничен заедно со уште еден бегалец, поранешниот директор на Лотарија Перпарим Бајрами, за злоупотреби при набавка на ВЛТ апарати, при што, според МВР, државата била оштетена за повеќе од 8 милиони евра.
Неколку дена пред да биде осомничен во декември 2024 година, Груби беше ставен на американската црна листа заедно со судијата Енвер Беџети, поради сомнежи за корупција поврзана со судски предмети.