Арсовска: Мицкоски, ако јас сум кума на хаосот, ти си гробарот на јавниот превоз!


 
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, испрати остра порака до премиерот Христијан Мицкоски, во која го прозива да престане да ја саботира и да исполни едно свое ветување: да им обезбеди достоинствен јавен градски превоз на скопјани.
 
„Реформата на јавниот сообраќај која ја споменуваш ‘патриоту’ Мицкоски, ти ја вети заедно со мене пред скопјани, а ти ја саботираш таа реформа, ти го колабираш јавниот превоз со своите полтрони советници. 
 
Мицкоски, ти не гласаш за нови автобуси затоа што побарав сите партии во советот на Град Скопје да се вклучат во избор на спецификација и услови за набавка, ама така ти ‘патриоту’ Мицкоски нема да можеш да преговараш со производители на автобуси како што правеше на почетокот на мандатот кога за тебе бев најдобриот менаџер во Европа.
 
Ајде ‘патриоту’ Мицкоски одлучи се, или јас сум најдобриог менаџер во Европа кој ТИ со твоите мицковистички полтрони во Советот го саботираш, или сум најлошиот градоначалник кој е ТВОЈ избор, градоначалник кој ТИ го молеше да го поддржиш на избори бидејќи твоите кандидати не ти се допаѓаа и не ти биле доволно градски луѓе.
 
‘Патриоту’ Мицкоски, сѐ што разбра јавноста за тебе во овие изминати години е дека не може да ти се верува, исто како за враќање на името на Македонија, исто како за уставобранителите, исто како и за набавката за нафта за ЈСП која преку твојата директорка Богева ја поништи, за да креираш криза од која сега ќе нѐ спасуваш“, вели Арсовска.
 
Синоќа таа побара од претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ, да го стави на гласање барањето на приватните превозници во јавниот градски сообраќај, за тие повторно да се вклучат со своите услуги. Вчера, откако Советот реши да не ја става оваа точка на дневен ред, приватните превозници се исклучија од сообраќај, по само два дена редовно сообраќање. Тие подолго време возеа само попладне, заради неисплатени долгови од страна на ЈСП Скопје кон нив. 
 
Градскиот превоз во Скопје не успева да биде редовен заради немање исправни автобуси, возачи, а последно и поради немање гориво, па Владата дозволи да се користат државните резерви, откако ЈСП не набави гориво на тендер, што  беше поништен од Бирото за јавни набавки поради неправилности во постапката.