Археолошкиот музеј го смени називот
На зградата на Археолошкиот музеј во Скопје денеска осамна нов назив, односно најгоре на фасадата место досегашниот натпис Археолошки музеј на Македонија, стои Археолошки музеј на Република Северна Македонија.
Примената на името на институцијата е обврска од Преспанскиот договор со кој се сменија називи на повеќе институции. Додека на веб страницата на оваа институција одамна беше сменето името, зградата крај Вардар сѐ уште го носеше старото име Археолошки музеј на Македонија.
Пред неколку недели, кога пред зградата беше поставено скеле, прашавме во Музејот која му е намената, но одговор не добивме.

Денеска пак, секој што поминува по Кеј може да го прочита новиот назив на установата. Разлика има и во бојата на буквите. Како што може да се забележи од фотографиите, Археолошки музеј на Македонија беше напишано со потемни букви, додека Археолошки музеј на Република Северна Македонија е испишано со посветли букви.

Меѓу институциите во кои се додава „Република Северна Македонија“ се Владата и министерствата, Собранието, но и Уставниот и Врховен суд, Државното правобранителство, Народниот правобранител, Народната банка.
Владата на РСМ ги задолжи и им укажа на сите институции, да извршат проверка дали е извршена промена на сите дигитални записи (логоа, меморандуми, електронски комуникации, веб-страни, медиуми итн) и да извршат проверка дали е извршена измена на меморандумите, печатените материјали, папките, индикаторите, согласно заклучоците број 4 и број 5 од 120-тата седница на Владата на Република Северна Македонија, и во рок од 7 дена до Меѓуресорска работна група за извршување на обврските од Конечната спогодба, да достават збирен извештај дали е извршена бараната измена и до кој степен, соопшти Владата во март 2019 година.
Листата на сите институции може да се види ОВДЕ.
Преспанскиот договор е меѓународен договор потпишан од министрите за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, и Македонија, Никола Димитров, и посредникот на ООН за спорот за името Македонија, Метју Нимиц, на 17 јуни 2018 година во селото Нивици, на крајбрежјето на Преспанското Езеро.
Договорот ја заменува Времената спогодба потпишана во Њујорк на 13 септември 1995 година. Тој треба да биде решение за спорот помеѓу Грција и Македонија и да воспостави стратешко партнерство помеѓу двете држави. Согласно договорот, Македонија го смени официјалното и уставно име во Република Северна Македонија, ерга омнес, а Грција ја призна националноста на соседната земја како македонска/граѓанин на Република Северна Македонија, се согласи да го именува официјалниот јазик на соседната земја како македонски и се обврза да не го попречува членството на соседната земја во меѓународните организации.(Н.В.)