Анкетите се кријат како „змијата нозете“


Александар Кржаловски

 

Немав намера повторно да пишувам за анкетите. Неделава сум во Белград, како учесник на најголемиот глобален настан на „третиот“ граѓански невладин сектор – Меѓународната недела на граѓанското општество, која се одржува секоја втора година (претходните беа во Јужна Африка, Колумбија и Фиџи). Тоа е добар повод за колумна, со оглед на актуелните дискусии на над 1,000 учесници од целиот свет за загрозените граѓански слободи, стеснет простор за делување на граѓанските организации, растечкиот популизам и политички радикализам, лажни вести и „врамувања“ на пораките што се праќаат.
Интересно е оваа недела во Белград и заради најавениот најголем собир на
протестното движење „1 од 5 милиони“ против начинот на владеењето на
претседателот Александар Вучиќ, а кој треба да се одржи подоцна денес, сабота, под малку изменето мото „Ми или он“ (односно „ние или тој“, во смисла некој треба да си оди, граѓаните или претседателот Вучиќ). Во пресрет на тоа, на државната РТС, но и на некои приватни телевизии како Пинк и Студио Б (други не ми се достапни каде што сум сместен), по цели часови одат долги прес конференции на претставници на владејачката Српска напредна странка, дали лично претседателот Вучиќ, дали нивните пратеници во Парламентот или одборниците во Градското Собрание на Белград.
Има и други интересни работи за коментирање, како „бескрајната приказна“ за
Брегзитот, кој ете доби уште едно одложување – сега до крајот на октомври, или пак неколкуте избори кои се случија неодамна низ Европа (Словачка, Украина или особено Турција) или претстојните избори за Европскиот парламент од 23-26 мај.Но, сите овие теми ќе останат за некоја следа прилика, односно напис, а овој пат, повторно (трет пат) – за анкетите за претседателски избори. Некој ќе рече – кој за што, јас за анкети… и тоа е навистина жално, со оглед на тоа што анкетите се мал дел од мојата и работата на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). Има многу други теми и активности кои заслужуваат повеќе и почесто внимание.
Но, и анкетите на јавното мислење се важни, особено изборните, со оглед на тоа што се единствена можност за проверка на валидноста на самите анкети (односно споредба со реално постигнатите резултати на изборите), а со тоа и за кредибилноста на агенциите. Изборните анкети ни служат токму за проверка на методологиите на агенциите кои потоа ги користиме за многу други анкети за општествено важни прашања (пр. дискриминација, доверба во институции,
екологија/рудници/депонии, или една од последните – за вакцинацијата). А за мене, важноста им се зголемува – бидејќи ги нема! По анкетата која ја нарачаа МЦМС и Институтот за демократија (ИДСЦС), а која беше спроведена од агенцијата М-проспект и објавена и на ТВ Телма на 25 март, досега е објавена само уште една за претстојните претседателски избори – таа на Институтот за политички истражувања (ИПИС). Во двете нив имаше мала предност за кандидатот Стево Пендаровски (2-2.6 отсто, што е во рамките на статистичката грешка), а Гордана Силјановска Давкова имаше мала предност кај етничките Македонци, додека Блерим Река котираше на 7-11 отсто.
А, не е дека нема и други анкети. Партиите постојано излегуваат со изјави за свои анкети во кои „нормално“ водат нивните кандидати. Дури и „Дојче веле“ објави напис во кој се повикува на „наводни“ извори блиски до партиските врвови, кои правеле анкети преку „некои“ од нив и крајно невообичаено за нив – ниту ги именувале изворите, ниту агенциите, како да се работи за некоја државна тајна или не знам каква доверлива информација или податок од приватен карактер.
Напротив, анкетите на рејтинзите на јавните личности, особено оние кои се кандидираат за највисоките државни функции, се информации од јавен карактер и јавноста има право да ги знае, какви и да се. И тоа треба да е почесно наместо ретко или речиси непостоечко како кај нас. И тоа е причината што МЦМС повторно објави таква анкета – заради недостатокот на други! Но, наместо „невладините“ да се занимаваат со анкети, тоа треба да го прават самите партии, медиумите или било кои други субјекти (вклучително и самите агенции,наместо нарачателите да им забрануваат да ги објавуваат). Во САД тоа се прави секојдневно за актуелниот претседател и за Конгресот, а еве постојано има и анкети за претстојните ЕУ избори во секоја од земјите членки на ЕУ. Навистина е нејасно зошто кај нас анкетните резултати се кријат како „змијата нозете“, особен ако навистина се со позитивни бројки за нарачателите (а за некого мора да се позитивни, нели). И, се додека нема доволно различни јавни објави и добра, ем здрава конкуренција на анкетните агенции, нема да се зголеми довербата во објавените резултати, ниту аргументирана расправа за
нив ,а сеирџии кои ќе коментираат само тоа што им оди во прилог, секогаш ќе има.
Сега малку и за самите резултати од последната анкета на МЦМС (и ИДСЦС), која е спроведена од 7 до 11 април, на репрезентативен примерок од 967 испитаници, со што статистичката грешка е 3,15 отсто, односно нешто поголема од вообичаената.
Прво, за излезноста во првиот круг. Дури 68 отсто од испитаниците изјавиле дека ќе излезат на гласање. Сепак, според контролното прашање за тоа колку е веројатно дека ќе излезат на гласање, во кое целосно се сигурни (10 на скала од 1 до 10) за излегување околу 42 отсто, може да се прогнозира дека излезноста ќе биде над 50 отсто, но тешко дека ќе надмине 60 отсто.
Во однос на можниот резултат, предноста на Пендаровски е малку зголемена и сега изнесува 3,7 процентни поени (27,2 отсто наспроти 23,5 отсто за Силјановска-Давкова) и за разлика од минатата анкета е надвор од статистичката грешка и може да се прогнозира негово сигурно водство по првиот круг (се разбира ако нешто драматично не се случи во преостанатите десетина дена до изборите – што сепак е половина од самата кампања). Поддршката за Блерим Река од 11 отсто е речиси иста како и минатиот пат.
Помладите се понеодлучни, или пак се сигурни дека нема да гласаат, а кај оние што се определени, поголема поддршка има Пендаровски (во сите старосни групи). Силјановска-Давкова се уште има предност кај етничките Македонци (точно 4 пп), но таа и натаму не допира до етничките Албанци (под еден отсто поддршка), додека Пендаровски може да смета на гласови од над 20 отсто од етничките Албанци кои ќе гласаат.
Слично е и со Блерим Река кај етничките Македонци (само 0,7 поддршка), иако имаше доста позитивни реакции за него по првата дебата на сите три кандидати. Останува пак двојната поддршка за него кај етничките Албанци, наспроти Стево Пендаровски, па се чини клучно ќе биде однесувањето на ова гласачко тело во вториот круг – кога е извесно дека нема да остане во трката кандидатот Река. Не е многу дискутабилно тоа дека ќе гласаат во најголем дел (односно скоро сите) за Пендаровски, но прашање е дали ќе излезат доволно од нив (а и од етничките Македонци и другите етнички заедници) во вториот круг за да се постигне потребниот цензус од 40 отсто!