Анкета на ИРИ: Поддршката за членство во ЕУ останува силна во Западен Балкан


Според оваа анкета направена во пет земји, во Македонија јавноста најголема доверба има во Зоран Заев, а веднаш по него е Христијан Мицкоски

 

Најновата мултинационална анкета за Западен Балкан од страна на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) открива поделени мислења за Соединетите Држави како економски и политички партнер, но и ентузијазам за посилни врски со Европската унија. Истражувањето беше направено во Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.

„И покрај најдобрите напори на Кина и Русија да извршат влијание на Западен Балкан, оваа анкета покажува дека многумина во регионот ги гледаат своите интереси во согласност со Западот“, рече регионалниот директор на ИРИ за Европа, Пол Мекарти. „Постојаната поддршка од САД и ЕУ за зајакнување на демократијата во целиот регион е клучна за консолидирање на овој позитивен тренд и овозможување на овие земји да се спротивстават на нападот од страна на авторитарните сили“.

На прашањето кои нации се најважните економски партнери, јавноста е поделена во нејзиниот одговор, со супермнозинство (94 проценти) во Косово за САД, во споредба со само 13 проценти во Србија кои го делат ова чувство. Силно мнозинство во Србија ги наведува Русија (73 отсто) и Кина (71 отсто) меѓу најважните економски партнери.

Мнозинството во Косово и Северна Македонија ги сметаат САД меѓу најважните политички партнери на нивните земји.

Ентузијазмот за членство во ЕУ, исто така, останува голем. На прашањето како би гласале ако се одржи референдум утре, мнозинството во сите земји рекоа дека ќе гласаат за интеграција во ЕУ. Во Косово, огромно мнозинство (93 проценти) го поддржуваат пристапувањето, а силното мнозинство во БиХ (76 проценти) и Северна Македонија (74 проценти) исто така би гласале за влез во ЕУ.

Анкетата ја истражуваше и довербата на јавноста во одредени политички лидери во овие земји. Во Македонија најголема доверба има Зоран Заев, претседателот на СДСМ, со осум отсто, а по него следи првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со седум отсто. По нив со два отсто следат Зијадин Села (Алијанса за Албанците), Али Ахмети (ДУИ) и бегалецот во Будимпешта, Никола Груевски, со два отсто.

Во Србија, претседателот Александар Вучиќ е далеку пред сите со 29 отсто поддршка, а по него следи министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ, со пет отсто, а дури потоа еден од опозициските првенци, Драган Ѓилас, со само два отсто.

Истражувањето по барање на ИРИ го направи „Ипсос“ од БиХ меѓу 2 февруари и 6 март оваа година, со разговори лице в лице. (Н.В.)