Анкета на „Галуп“: Негативната перцепција за Путин во Македонија е 61 отсто

Глобален укор за Русија по инвазијата на Украина. Недовербата кон Путин во Македонија за една година се зголемила за огромни 31 отсто


 

Инвазијата на Украина во голема мера го расипа имиџот на руското раководство во светот. Минатата година, мнозинството жители на светот го осудија Владимир Путин – првпат во последните 15 години во кои „Галуп“ спроведува анкети за ставовите кон светските лидери. Дополнително, негативните оценки преовладуваат не само на Западот, кој отворено ја критикува агресијата, туку и во земјите на Заедницата на независни држави (ЗНД) и оние земји чии лидери се обидуваат да заземат неутрална позиција во однос на конфликтот во Украина.

Помеѓу 137 земји кои „Галуп“ ги истражуваше во 2022 година, а чии резултати ги објави денес, 57 отсто го изразија своето неодобрување на раководството на Русија. Една година претходно тој процент беше 38. Вкупно, во 81 земја, повеќе од 50% од испитаниците се изразиле негативно за Путин.

Нивото на поддршка падна од 33% во 2021 година на 21%. Ова е најниска бројка за целиот период на истражување од 2007 година. Во 2014 година, кога Русија го анектираше Крим, таа беше 22%, но потоа постепено се зголеми на максимални 34% во 2020 година.

Според ова глобално истражување на „Галуп“ 61 отсто од граѓаните на Македонија имаат негативна перцепција за Владимир Путин и руското раководство. Тоа може да изгледа и неочекувано, затоа што во македонската јавност подолго време се тврди дека симпатиите за Путин и руската инвазија на Украина се големи. Недовербата кон руското лидерство и Путин во Македонија од 2021 до 2022 година се зголемила за огромни 31 процентни поени.

Од соседите, најмала негативна перцепција за Путин има во Србија, 24 отсто и во Бугарија 43 отсто. Под половината од скалата е уште Црна Гора, со 49 проценти негативен однос. Во Босна и Херцеговина е 68, во Албанија, 80, во Хрватска 82, во Словенија 88, а во Грција 69 отсто. Во Унгарија таа бројка е помала – 60 проценти од населението гледаат негативно на Путин, без оглед на тоа што тамошната влада сака да ги одржи добри односите со Москва.

Најголема недоверба во Путин има во скандинавските земји и Полска – над 90 отсто, како и во САД, Британија и Канда. Во Германија таа изнесува 88 отсто.

Руската пропаганда, обидувајќи се да ги оправда постапките на Кремљ и во земјата и во странство, активно го користи клишето „не е сè така едноставно“. Друг пример за тоа беше вчерашниот говор на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров во Советот за безбедност на ОН, каде Русија претседава овој месец. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, недвосмислено ја осуди инвазијата на Украина како кршење на меѓународното право и повелбата на ОН, „што доведе до страдање на [украинскиот] народ и уништување на земјата“. После тоа, Лавров, кој седеше до него, ја започна традиционалната приказна за „нацистичкиот“ режим во Киев, „пучистите“ поддржани од Западот и ги обвини САД и нивните сојузници за „напуштање на дипломатските методи“ за решавање на конфликтите.

Но, обичните граѓани во светот, според „Галуп“, ја сфатија војната недвосмислено. Ако во 2007 година 35 отсто од испитаниците изјавиле дека немаат доволно информации за да го проценат руското раководство, тогаш во 2022 година имало само 18 отсто – барем за време на анкетите. А зголемување на неодобрувањето од најмалку 10 процентни поени е забележано во 84 земји.

Во Латинска Америка, скокот беше дури 30 процентни поени – од 31% на 61% (ова е најзначајно зголемување меѓу испитаните региони), додека уделот на оние кои одобруваат падна од 37% на 16%. И покрај тоа што лидерите на земјите од регионот претежно заземаат неутрална позиција. Односот кон раководството на Русија се влоши дури и во Казахстан: таму процентот на оние кои не одобруваат порасна од 20% на 50%, а оние кои одобруваат падна од 55% на 29%.

Единствениот регион каде што бројот на поддржувачи на Путин и неговите постапки остана поголем од бројот на оние кои не го поддржуваат е субсахарска Африка. Тие се во голема мера зависни од снабдувањето со храна од Русија и Украина, а Москва се обидува да ја претстави западната помош за Киев како главна причина за кризата со храна. (Н.В.)