Англичанка ја запознала жената на која ѝ биле трансплантирани рацете од нејзината покојна близначка


 Англичанка се сретнала со жена на која ѝ биле пресадени рацете на нејзината покојна сестра близначка и го опишала моментот како „апсолутно неверојатен“.

Дебора Гослинг ја однела својата сестра близначка, Џули Вајлд, во болница во јануари 2019 година, каде Џули починала откако доживеала ненадеен мозочен удар.

Вајлд, мајка на две момчиња, работела како медицинска сестра за дарување крв пред да стане лабораториски техничар за земање примероци крв во детската болница Шефилд.

„Секогаш внимавам моите нокти да бидат совршени“

Гослинг (57) рече дека рацете на нејзината сестра „не можеле да отидат кај подобра личност“ од Корин Хатон, која ги изгубила рацете и нозете во 2013 година поради сепса.

За време на првата емотивна средба во Лидс, двете жени се прегрнаа, а Гослинг призна дека „не можела да го тргне погледот“ од рацете на Хатон. Хатон сега има околу 95 проценти функција на десната рака и 75 проценти на левата рака.

„Често ги гледам и им ги покажувам на луѓето, и секако, секогаш помислувам на Џули“, изјавила 54-годишната Хатон и додала: „Секогаш внимавам моите нокти да бидат совршени. Тоа ми е важно, но и како знак на почит кон Џули“.

Корин Хатон

Гослинг додаде: „Тешко е да се опише, но утешно е да се знае дека некој ги има нејзините раце – дека дел од неа сè уште живее“. “Таа беше толку нежна и грижлива личност. Таа беше мојата најдобра пријателка, а јас сè уште се чувствувам изгубена без неа”, рече таа.

Трансплантацијата траела 12 часа
Гослинг, која работи како медицински техничар, признала дека била изненадена кога ја прашале за донирање органи, бидејќи никогаш претходно не слушнала за тоа, но веднаш се согласила.

„На Џули повеќе не ѝ требаа, а на некој друг му требаа“, рече таа.

„Не можеа да отидат кај подобра личност. Корин е неверојатна жена и фантастично е што е толку благодарна“. Оттогаш тие останаа во контакт.

По трансплантацијата, која траеше 12 часа, Хатон ја основа добротворната организација Finding Your Feet, која им помага на семејствата погодени од ампутации и губење на екстремитетите.

„Никогаш нема да заборавам колку сум среќна“

„Никогаш нема да заборавам колку сум среќна. Никогаш нема да заборавам од каде дојдоа и се надевам дека ќе им пружам убав живот“, изјави Хатон. Патем, Leeds Teaching Hospitals во моментов е единствената установа во ОК што врши трансплантација на раце.

Покрај нејзините раце, донирани се и панкреасот, црниот дроб и двата бубрега на Џули Вајлд, со што се спасуваат и подобруваат животите на другите пациенти.

„Неверојатно е да се даде можност некому да си го подобри животот“, рече Гослинг. „Би им рекла на другите – не двоумете се“.

Патем, листата на чекање за трансплантација во ОК во моментов е најдолга во последните десет години.