Анѓушев: Некогаш главен проблем беа финансиите, сега е недостигот на кадар


Недостигот на квалитетен и обучен кадар е главен проблем со кој што се соочуваат се поголем број домашни компании. Ова беше нагласено во Стопанската комора на Македонија на панел-дискусија за различните пристапи за успешно привлекување инвестиции, промоција на извозот и економска интеграција.

„Ако некогаш главен проблем биле финансиите и идејата, сега број еден проблем е недостигот на кадар“, истакнал Кочо Анѓушев, до неодамна потпретседател на Владата, кој на панел дискусијата настапи како претставник на „Брако“ од Велес. Според него втор проблем, или предизвик е начинот како да се произведат високо технолошки производи, односно производи со поголема додадена вредност. За ова е потребна промена на технологијата,  нови машини, мора да има луѓе кои ќе бидат обучени за високотехнолошки производи, за што е потребна едукација внатре во компанијата, а многу важен елемент е менталитетот на менаџментот.

Во информацијата на интернет страницата на Стопанската комора се вели дека панел дискусијата се одржа по повод 98 годишнината од основањето на Комората, и на неа претставници на ОЕЦД презентираа студија со наслов: „Глобална Југоисточна Европа: Ослободување на трансформативниот потенцијал за раст во Западен Балкан“.

Студијата беше вовед во панел-дискусијата која ја водеше Зоран Јовановски од Стопанската комора на Македонија со домашни претприемачи, експерти и професори, при што основната идеја беше да се отвори дискусија и дебата: како земјата може да поттикне поголем економски раст и развој? Александар Гечев, сопственик на компанија од металуршкиот сектор со инвестиции во земја-членка на ЕУ, решението на долг рок го гледа во реформирано образование кое треба да придонесе за зголемување на продуктивноста, а на краток рок – преку инвестиции во нова технологија. Никола Деребанов од „Перминдекс“ – Градско, укажа на потребата од комплетно реформирање на аграрната политика со ставање акцент на окрупнување на земјоделското земјиште, како и промена на моделот на субвенционирање со поттик на големите комбинати и нова даночна политика во агросекторот. Боријан Борозанов истакна дека околу 50 отсто од европското производство на „Џонсон Мети“ е лоцирано во Македонија, што покажува дека за краток период може да се смени структурата на производство на една земја, но ова носи и ризици, за тоа колку сме адаптибилни да создадеме услови оваа фабрика да остане активна во земјата во следните 50 години и да не се пресели производството во друга земја.

Професорката Ирена Кикеркова од Економскиот факултет при УКИМ – Скопје, смета дека најголем недостаток на работна сила ни се случи поради одлив на високостручна работна сила. Таа исто така рече дека трошокот за привлекување на СДИ е поголем од самите ефекти. Ако се прекинат поволностите, висок е ризикот дека таквите компании ќе го преселат капиталот во друга земја која нуди подобри услови.

Професорот Дарко Лазаров, од Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, констатираше дека земјата има тотално промашен економски модел во последните 28 години, кој не овозможува повисок раст од 2,5 отсто.