„Ангелот на смртта“, Јозеф Менгеле, живееше удобно до крајот на животот
Декласифицираните документи откриваат дека Аргентина знаела за неговиот идентитет во годинините во кои се криеше таму
Озлогласениот нацистички воен злосторник Јозеф Менгеле водел удобен живот во Буенос Аирес 10 години, а аргентинската влада знаела за тоа, според анализата на 400 страници од досието на Менгеле објавено кон крајот на минатата година.
Пред околу една година, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи наредил декласификација, односно отстранување на тајноста, на серија од 1.850 документи за нацистите и нивните активности во Аргентина, како и тајни претседателски декрети од 1957 до 2005 година. Во склад со тоа, досието на Менгеле од речиси 400 страници беше објавено во мај 2025 година, но неодамна објавената анализа на документот открива клучни информации, вклучително и дека аргентинската влада била свесна за минатото на Менгеле и составила разузнавачко досие за озлогласениот доктор.
Медицинските експерти играле централна улога во злосторствата извршени од нацистите, од кои најозлогласен бил Јозеф Менгеле (1911-1979), познат и како „Ангелот на смртта“. Менгеле пристигнал во концентрациониот логор Аушвиц во 1943 година, каде што бил задолжен за селекција, што значи дека меѓу затворениците ги избирал оние кои ќе можат да работат или да служат во неговите брутални медицински експерименти и оние кои веднаш ќе бидат убиени во гасните комори.
Застрашувачка програма
Менгеле водел низа застрашувачки истражувачки програми: бил особено преокупиран со истражување на наследноста, за што избрал неколку стотици близнаци. Тој, исто така, извршил сурови експерименти врз бремени жени, вклучително и вивисекција. Кога Црвената армија го ослободи Аушвиц на 27 јануари 1945 година, што сега се слави како Меѓународен ден на сеќавањето на холокаустот, Менгеле веќе бил во бегство со група нацистички лекари. Искористувајќи го хаосот што владееше во сојузничките редови, тој се криел во Германија четири години, пристигнувајќи во Џенова во пролетта 1949 година. Таму, со помош на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, добил италијански пасош под името Хелмут Грегор и избегал со брод во Аргентина.
Во Буенос Аирес во 1950 година, тој добил имиграциски документ под истото име како Хелмут Грегор, а декласифицираните документи покажуваат дека аргентинската влада била свесна за неговиот вистински идентитет. Подоцна, на 26 ноември 1955 година, поднел барање за нова лична карта, вклучувајќи го и враќањето на неговото вистинско име и презиме.
Откако го вратил својот идентитет, Менгеле отпатувал во Уругвај за да се ожени со Марта, вдовицата на неговиот брат Карл-Тадеуш, и тие се вратиле да живеат во Аргентина. Според декласифицираните документи, двајцата, заедно со синот на Марта, Карл-Хајнц, внук на Менгеле, живееле удобно во елитната населба Винсенте Лопез во Буенос Аирес.
Во исто време, „Ангелот на смртта“ ја водел медицинската лабораторија Фадро Фарм во истата населба. Како што објави „Џерусалем пост“, досието на Менгеле го вклучува и сведочењето на неговата жртва, Хозе Фурмански, аргентински државјанин роден во Полска.
„Го запознав Менгеле. Го познавав добро. Го видов многу пати во логорот Аушвиц, во неговата полковничка униформа на СС, а преку неа и во бел лекарски мантил… Собираше близнаци од сите возрасти во логорот и ги подложи на експерименти кои секогаш завршуваа со смрт. Помеѓу деца, стари лица и жени… какви ужаси. Го видов како ја одделува мајката од нејзината ќерка и ја испраќа едната во сигурна смрт. Никогаш нема да го заборавам тоа“, им рекол Фурмански на аргентинските власти.

Документите, исто така, покажуваат како аргентинската држава систематски ги собирала документите на Менгеле, вклучувајќи копии од странски пасоши под псевдоними, фотографии од осомничени соработници, рачно напишани оперативни белешки, книги за имиграција, резимеа од истраги подготвени за политички претпоставени и преписка меѓу аргентинските офицери и меѓународните истражители.
Менгеле толку се занесол во добриот живот во Аргентина што во 1959 година побарал дозвола да патува во Сојузна Република Германија за да го посети својот болен татко. Откако го добила барањето, Сојузна Република Германија побарала од аргентинската влада екстрадиција на Менгеле. „Но, додека аргентинските безбедносни сили пристигнале по него, Менгеле веќе избегал“, изјавил за „Џерусалим пост“ професорот Даниел Фајерштајн од Центарот за истражување на геноцид во Буенос Аирес.
Бегство во Парагвај
Аналитичарите веруваат дека Менгеле, како дел од мрежа на поранешни нацисти кои си помагале едни на други, добил информации, веројатно од аргентинските полициски кругови, дека може да биде уапсен и екстрадиран во Сојузна Република Германија. Затоа, во 1959 година, тој избегал во Парагвај, каде што добил државјанство и живеел под лажно име. Наводно бил заштитен од диктаторот Алфредо Штреснер, кој тогаш беше на чело на Парагвај, бидејќи неговото и семејството на Менгеле потекнувале од Баварија. Во меѓувреме, сопругата на Менгеле, Марта, и нејзиниот син се преселиле во Швајцарија.
Откако израелската тајна служба Мосад го зароби нацистичкиот воен злосторник Адолф Ајхман во Буенос Аирес во 1960 година, Менгеле избега во Бразил. Документите покажуваат дека во Бразил му помогнале локални земјоделци од германско потекло кои биле симпатизери на нацистите.
Во Бразил, Менгеле живеел под името Петер Хохбихлер до неговата смрт во 1979 година од мозочен удар додека пливал. Тој бил погребан под името Волфганг Герхарт, а неговото тело било ексхумирано и идентификувано од бразилските власти дури во 1985 година.