Анеке Брасинга на прием кај градоначалникот на Струга и претседателот на Советот


 Делегација на Струшките вечери на поезијата предводена од директорот Никола Кукунеш и добитничката на највисокото фестивалско признание „Златен венец“ на 65-тото фестивалско издание, холандската поетеса Анеке Брасинга беше на прием кај градоначалникот на Општина Струга Менди Ќура и претседателот на Советот Мите Стефоски.

Во фокусот на средбата, како што соопшти НУМ „Струшки вечери на поезијата“, било значењето на поезијата како универзален јазик што ги поврзува луѓето и културите, како и улогата на Струшките вечери на поезијата, како мост кој ги обединува поетит од сите светски меридијани. Поезијата, како што заклучле соговорниците,е чувар на јазикот, идентитетот и универзалните човечки вредности.

Според информацијата, Брасинга истакнала дека ужива во Струга и на Струшките вечери на поезијата. Таа изразила воодушевеност од градот на поезијата и ветила дека повторно ќе се врати за да види како расте дрвото што го засади во Паркот на поезијата, но и како гостин на Струшките вечери на поезијата.

Директорот на НУМ „Струшки вечери на поезијата“, Кукунеш, како што е наведено, одблиску го запознал градоначалникот Ќура со издавачката дејност на Фестивалот и со неговата улога во афирмацијата на македонската и светската поезија.

Ќура, пак, нагласил дека покрај Струшките вечери на поезијата, Струга им нуди на своите гости и исклучителни природни убавини, поради што градот претставува единствен спој на културата и природата.