Анализи: Текстилните работници сѐ уште со недоволни работнички права

Текстилните работници сѐ уште се со нарушени работнички права. Работат во просечни услови за заштита на здравјето, платите се ниски, има мобинг и немаат многу доверба во инспекторатот и во синдикалното дејствување. Сѐ уште се плашат отворено да говорат за проблемите. Ова е дел од анализата на истражувањето што прилепската невладина организација „Достоинствен работник“ го спроведе од април до јуни годинава во 6 од 20-ината прилепски текстилни компании и во кое беа опфатени 196 работници, најмногу жени во текстилните фирми.

Според Нежлан Исмаилоска од невладината „Достоинствен работник“ која беше директно вклучена во истражувањата платите се се уште ниски, условите за работа просечни, а има мобинг.

– Во однос на платата, работниците не се задоволни и висината на платата е на незадоволително ниво. Платите се движат од минималната, со закон, загарантирана плата, па до 20.000 денари. Ако е над минималната вклучени се: работењето во викенд, прекувременото и работењето во празник. Работодавците, во глобала, го исплаќаат само минималниот износ на платата. Запазени се роковите за навремено добивање плата како и уплаќањето на придонесите. Работниците добиваат годишен одмор, но секогаш има отпор од работодавците за термините, зашто велат, секогаш имало работа. Во истражуваните фирми безбедноста и здравјето на работата е на просечно ниво.

Најголемо незадоволство, покрај ниската плата, работниците искажаат во однос на нормите, а ниска е довербата во трудовиот инспекторат

-Работниците велат дека нормите се превисоки и не може да ги исполнат. Брзото темпо на работа води кон замор, исцрпеност, монотоност. Постојат дискриминација и мобинг. Работниците не веруваат во синдикалните здруженија и за нив не се познати синдикатите дека постојат. Имаат страв да го контактираат трудовиот инспекторат. Се откри и случај кога на работник му беше прекршено работничкото право. Следуваше контакт со трудовиот инспекторат. И покрај тоа што работникот постапил согласно законските прописи, не добил ниту извештај од Државниот трудов инспекторат, ниту одговор од компанијата за неговиот работен статус.Иако е јасно дека работничките права му с епрекршени, неговиот случај стагнира и е без резултати, објаснува Исмаилоска.

Според Рубинчо Аризанкоски, претседател на невладината „Достоинсвен работник“ истражувањето е во рамките на проектот, финасиран од ЕУ, насловен „Не биди роб- информирај се за своите права“. Целта е да се привлече вниманието на институциите и на јавноста за експлоатацијата на работничкиот труд.

-Овие теренски истражувања беа во насока на испитување на условите во кои работат текстилните работници, исплаќањето на трудот, почитувањето на работничките права и дали ги уживаат истите права во текстилните компании од аспект на користење на институционалните механизми, почитувањето на безбедноста и здравјето при работа. Паралелно, преку спроведувањето на овој процес, се истражување дали работодавците ги унапредуваат позициите на работниците и дали ги овозможуваат условите за работа, како подобрување и унапредувањето на нивните права или дали се прекршуваат.Основната цел на овој проект е застапувањето на правата на работниците, вршење притисок на донесувачите на одлуките и да се алармира јавноста за важноста на прашањето на трудовата експлоатација. Воедно е битно да се воспостави механизам за информации и превенција против трудовата експлоатација. Од една страна, работодавците се жалаат дека нема доволно работници, а од друга страна, пак, не ја зголемуваат минималната плата, а мора и да ги унапредат правата на работниците, рече Аризанкоски.

Трудовата инспекција доволно не си ја врши работата во контролата на работењето на текстилните компании кога се во прашање работничките права. Неропходни се формирањето и функционирањето на општинските економско-социјални совети.

-Се појавува проблемот на комуникацијата на рбаотниците со државниот трудов инспекторат кој не ја врши доволно својата работа, односно контролата на работењето на текстилните компании во земјава. Формирањето и функционирањето на економско-социјалните совети се во полза на работниците, зашто се вклучени синдикалните здруженија, но и на работодавците зашто според прописите на Еу се исполнуваат основните параметри заљ заштита на работничките права и на  зајакнувањето на компаниите за пласман на европските пазари, појаснува Аризанкоски.

Во Прилеп има преку 2.000 текстилни работници, а во земјава се, според невладината „Достоинствен работник“ и преку 25.000 вработени.