Мицкоски: Изборниот законик е при крај – ќе бидеме први на реформската агенда


 

Сите законски решенија коишто се дел од реформската агенда се во парламентот, останува уште Изборниот законик, за кој се ближиме до конечно решение, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски.

По промоцијата на печатени учебници во ООУ „Љубен Лапе“ во општина Аеродром, одговарајќи на новинарски прашања Мицкоски посочи дека на денешната владина седница има  одлука којашто треба да се донесе во делот на позитивна оцена на работењето на ЕСМ,  поврзана со еден чекор околу максималниот процент на количина на електрична енергија што треба да биде доставена до снабдувачот.

„Сите оние законски решенија коишто се дел од Реформската агенда се или во парламентот како резултат на тоа што ние како Влада ги доставивме, или е како група на пратеници амандмански интервенирано. ​Останува уште Изборниот законик. Информиран сум дека се ближиме до конечно решение, така што, јас колку што знам на 26 јуни е закажана собраниска седница. Ќе има ден, два, три за фино нивелирање. Рокот е 30 јуни, но  секогаш искуството вели може и до 15 јули. Ние очекуваме повторно да ја потврдиме позицијата дека сме први, како што тоа беше во декември, но ајде да почекаме да видиме каков ќе биде Извештајот од страна на Европската комисија“, изјави Мицкоски.