Попладнево Соларен саем Струга – како да се користи соларната енергија?


Центарот за климатски промени организира „Соларен саем Струга“, кој ќе се одржи попладнево од 17:30 до 20:30 часот пред Општина Струга.

Настанот има за цел да ја доближи темата за користење на сончевата енергија и обновливите извори до граѓаните преку информативни и интерактивни активности.

Посетителите ќе можат да се информираат за придобивките од користење соларна енергија,
можностите за поставување фотонапонски системи во домаќинствата, како и пошироките чекори за вклучување во енергетската транзиција, вклучително и концептот на просумер –
граѓанин кој произведува и троши сопствена електрична енергија.

Во рамки на саемот ќе бидат поставени штандови од различни организации и компании со што граѓаните ќе можат директно да се информираат за технички решенија, понуди и практични аспекти за инсталација. Ќе бидат организирани и интерактивни активности и демонстрации поврзани со користење на соларна енергија, меѓу кои и симулации на производство и користење на електрична енергија, како и интерактивни работилници за деца со цел на најмладите да им се доближи концептот на обновливи извори на енергија на забавен и едукативен начин.

Настанот е дел од пошироките напори за зголемување на јавната свест за одржливи енергетски решенија и поттикнување на енергетската транзиција.

Во рамки на проектот „Зајакнување на позитивната перцепција за процесите на праведна транзиција на локално ниво“, кој се спроведува во рамките на „Финансирање на поправедни иднини: Проширување на ангажманот и овозможување на инклузивна и родово трансформативна климатска правда во Европа и пошироко“, координиран од CAN Europe и кофинансиран од Европската Унија, во текот на оваа година ќе бидат реализирани вакви Соларни саеми и во Кичево, Битола и Прилеп. Целта е дополнително да се доближат можностите за користење обновливи извори на енергија до пошироката јавност и да се поттикне учеството на граѓаните во енергетската транзиција.