Американските астронаути се вратија дома по непланираниот деветмесечен престој што требаше да трае осум дена

Санита – Сани Вилијамс и Бери – Буч Вилмор официјално се дома. Американските астронаути безбедно се вратија на Земјата, сношти – на 18 март, по продолжениот деветмесечен престој во Вселената. Нивното патување назад доаѓа откако заедничка екипа на НАСА и „Спејс-Икс“ однесе четворица нови астронаути – две жени од Соединетите Американски Држави, и по еден космонаут од Јапонија и Русија, на Меѓународната вселенска станица на 16 март, за да ги заменат двајцата што заминуваа.
Сани (59) и Буч (62) се качија на капсулата „Драгон“ (Dragon), и ракетата „Кру-10“ (Crew Dragon) на „Спејс-Икс“ (SpaceX), заедно со другиот астронаут на НАСА Ник Хејг и рускиот космонаут Александар Горбунов, и слетаа во водата близу брегот на Флорида, по нивното 17-часовно патување.
Вилмор и Вилијамс отидоа на МВС лани во јуни – како прв екипаж на вселенското летало „Боинг старлајнер“, и како дел од првично предвидената осумдневна пробна мисија. Но, поради технички проблеми со нивното вселенско летало, нивната мисија на МВС беше продолжена и тие останаа таму девет месеци. Следат медицински прегледи пред на вратените космонаути да им биде дозволено да се вратат и кај своите семејства.
Во мигов, на МВС се на должност Американецот Дон Петит, Русите Алексеј Овчанин и Иван Вагнер, како и новодојдените со „Кру-10“ – Ен Мекклејн, Никол Ејерс, Кирил Песков и Такуја Ониши.