Американскиот ЦДЦ издаде предупредување за случаи на салмонела во најмалку 10 сојузни држави


Американскиот Центар за контрола и превенција на болести –ЦДЦ (CDC) издаде предупредување за безбедност на храната поради епидемијата на салмонела за која велат дека е поврзана со готовите оброци на „Metabolic Meals“.

„ЦДЦ и здравствените власти во неколку држави истражуваат епидемија на инфекции со салмонела поврзани со одредени готови оброци обезбедени од „Metabolic Meals“, се наведува во соопштението објавено од Еј-Би-Си Њуз.

Според ЦДЦ, до моментот кога било издадено предупредувањето, инфекцијата била потврдена кај најмалку 16 лица во 10 држави, а од 15-те лица за кои има достапни податоци, седум биле хоспитализирани.

Салмонелата е бактерија која, според ЦДЦ, секоја година предизвикува околу 1,35 милиони инфекции во САД, а најчесто тоа е од контаминирана храна.

Симптомите на инфекција вклучуваат болки во стомакот, треска, главоболка, дијареја, губење на апетит, гадење и повраќање.