Американски суд пресуди дека „Гугл“ може да го задржи „Хром“, но без ексклузивни договори

Владата на САД денеска претрпе неуспех во случајот за монопол врз интернет-пребарувањето против Гугл, откако федерален судија ги одби барањата технолошкиот гигант да биде принуден да се откаже од својот интернет-пребарувач Хром (Chrome) и мобилниот оперативен систем Андроид.
Судијата Амит Мехта во пресуда од 230 страници напиша дека владата „претерала со барањето за присилно отуѓување на овие клучни средства, кои Гугл не ги користел за незаконски ограничувања.“
Истовремено, тој ја забрани праксата на компанијата да склучува ексклузивни договори за дистрибуција на нејзините клучни услуги, вклучувајќи ги пребарувањето, Chrome и софтверот за вештачка интелигенција Gemini.
Пресудата сепак дозволува Гугл да им плаќа на компании како Apple или Mozilla (развивачот на Firefox) да ги вградуваат неговите услуги однапред. Судските документи покажуваат дека Apple добивал милијарди долари за тоа што Google Search бил однапред поставен како стандардна опција на iPhone уредите. За Mozilla, пак, прединсталирањето на Google Search во Firefox претставува клучен извор на приходи.
Во Европската Унија, корисниците сега експлицитно се прашуваат кој пребарувач сакаат да го користат, но судијата одби да воведе таква задолжителна опција во САД, пренесе ДПА.
Гугл, исто така, ќе биде должен да споделува одредени податоци од својот пребарувач со конкуренцијата. Ова вклучува делови од индексот на пребарување што Гугл го гради при скенирање на интернетот, како и информации за интеракцијата на корисниците.
Податоците се наменети да им помогнат на ривалските пребарувачи како Bing на Microsoft или DuckDuckGo, како и на компании за вештачка интелигенција како OpenAI (создавачот на ChatGPT), во развој на конкурентни производи.
Случајот произлегува од судската одлука минатата година дека Гугл има монопол врз интернет-пребарувањето и дека ја бранел својата позиција на неправеден начин. Судскиот процес во Вашингтон, што почна во понеделникот, се фокусираше на последиците од таа одлука.
Гугл најави дека ќе се жали на пресудата, што значи дека денешната одлука може да биде само една фаза во подолга правна битка.
Пресудата беше поздравена од инвеститорите. Акциите на матичната компанија на Гугл, Alphabet, пораснаа за седум проценти, во тргувањето по работното време, додека акциите на Apple се зголемија за три отсто.