Американската влада ги обвини „ левичарските радикали“ за пукањето пред објектот на ICE во Далас

Американската влада смета дека „радикалната левица“ стои зад вчерашното пукање пред објект на американската Служба за имиграција и царина (ICE) во Далас, во кое беше убиено најмалку едно лице.
Министерството за внатрешна безбедност објави дека вооружениот напаѓач отворил оган од блискиот покрив, гаѓајќи и транспортно возило во безбедната зона. Локалната полиција пренесе дека во нападот се поврдени тројца притвореници, од кои едниот почина на лице место, додека другите двајца биле префрлени во болница.
Секретарката за внатрешна безбедност Кристи Ноем објави на платформата X дека осомничениот напаѓач е исто така мртов од самонанесена прострелна рана. Мотивот останува нејасен, како и идентитетот на жртвите. Но, Ноем рече дека нападот треба да послужи како предупредување за екстремната левица дека реториката против ICE има последици.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, напиша на Truth Social дека се зголемуваат заканите и нападите од „радикалните левичари“, обвинувајќи ги за тоа демократите кои го критикуваат ICE. Тој не даде докази дека напаѓачот бил поддржувач на демократите.
Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс на настан во Северна Каролина, исто така, без да даде некакви докази напаѓачот го опиша како „насилен левичарски екстремист“.
Шефот на ФБИ, Кеш Пател, посочи дека нападот во американската држава Тексас можеби бил политички мотивиран против работата на имиграциските власти.
Пател објави фотографија на платформата X на која се гледаат употребените чаури означени со „АНТИ ICE“. Нема повредени службеници на ICE. Тој истакна дека сличен напад се случил во друг центар за притвор на ICE во Тексас во јули.
Инцидентот се случи во услови на зголемени тензии во САД. Честите напади на ICE насочени кон мигрантите како дел од построгите политики за имиграција и депортација на Трамп предизвикаа протести низ целата земја.