Американска агенција ги вклучува ChatGPT, Gemini и Claude на списокот на добавувачи на ВИ за американската администрација

ChatGPT на OpenAI, Gemini на Google и Claude на Anthropic се додадени на списокот на одобрени добавувачи на вештачка интелигенција (ВИ) за владата на САД, соопшти денеска Администрацијата за општи услуги, која управува со многу федерални договори.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп се стреми да ја зголеми употребата на ВИ од страна на федералните агенции, соопшти агенцијата.
Моделите одобрени денеска се дел од новиот план на САД за вештачка интелигенција, објавен од Белата куќа на 23 јули, кој има за цел да ги олабави еколошките прописи и значително да го прошири извозот на такви технологии до сојузниците во обид да се одржи водството на САД во областа против Кина.
Одлуката на Администрацијата за општи услуги значи дека одобрените алатки за ВИ ќе бидат достапни за употреба од страна на владини агенции на платформа со договорни услови.
Федералните агенции на САД ќе истражат „широк спектар на решенија за ВИ, од едноставни истражувачки асистенти генерирани од големи јазични модели до високо персонализирани апликации специфични за задачи“, соопшти агенцијата.
Фокусот е на моделите на вештачка интелигенција „кои даваат приоритет на вистинитоста, точноста, транспарентноста и слободата од идеолошки предрасуди“, соопшти Администрацијата за општи услуги.
Во меѓувреме, група од седум републикански сенатори денеска побараа од Министерството за трговија на САД да ги процени потенцијалните ранливости во безбедноста на податоците што ги претставуваат кинеските модели на вештачка интелигенција, како што е DeepSeek.