Али, идеалистот и Македончо, опортунистот: зошто да не!?


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Политичките опортунисти како Македончо настојуваат и проектот за „премиер Албанец“ да го искористат како шанса за заплашување на сопствените гласачи со национализмот на идеалистите како Ахмети

 

Се наближуваат уписите на македонските универзитети и други високообразовни институции. Набрзо после парламентарните избори ќе почне трката за место во некоја од академските институции. Сѐ помалиот број кандидати за некогаш престижниот статус на академски граѓанин, од една страна, и сѐ поголемата понуда на места на факултетите значително го олесни влезот во академските кулоари. Со ретки исклучоци, приемните испити станаа дел од историјата на академскиот живот во ова земја. Наместо нив, сега факултетите сами им се нудат на кандидатите.

Но затоа, пак, тука се политичките избори. Тие потсетуваат на многу различни работи, а мене деновиве ме потсетија токму на приемните испити! Се присетив на анегдотскиот случај за досетливоста на еден кандидат за упис на студии по философија на еден од најпрестижните универзитети во светот. Кандидатот се исчудил кога откако го отворил пликот со испитното прашање видел дека белината на листот е засенета само со едно единствено зборче: Зошто? Тоа било неговото испитно прашање. Тоа прашање ја решавало неговата иднина.

Не знаеме дали студентот ја имал прочитано статијата „Умешноста на поставување на прашањето зошто“, од Пол Лазарсфелд, основачот на бирото за применети општествени истражувања на универзитетот Колумбија. Реакцијата, поточно чинот на студентот е антологиски. Тој се почудил малку, го свртел ливчето анверс/реверс и откако не нашол ништо друго како дополнително прашање едноставно го чкрабнал својот одговор: Зошто да не! Потем, го затворил пликот, го предал на испитувачот и оп! По извесно време добил одговор од комисијата за прием на тој високо рангиран универзитет: Примен сте на студии по философија.

Анализата на односот меѓу овие два говорни чина – прашањето зошто и одговорот зошто да не, може да оди во повеќе правци. Мене до нив и до овој случај ме донесе нивниот мотивациски аспект. На таа димензија ме наведоа неколкуте обиди да се одговори прашањето зошто во врска со изборниот проект на г-динот Али Ахмети за промоција на како што гласи слоганот на неговата партија „Албанец за премиер,“ на Македонија. „Зошто“ не прашуваа само фактори кои до сега го пополнувале местото премиер на Македонија, туку и самиот предлагач.

Сакајќи да ја поткрепи оправданоста на таа своја идеја, Ахмети меѓу другото вели дека во политиката треба да се има идеја, да се сонува, но и да се работи, што во неговиот случај значи да се води политика, идејата да стане стварност. Затоа тој себеси се нарекува идеалист, но идеалист кој пред речиси дваесетина години поттикна пролевање на крв. За тоа тој е дефинитивно во право  – политиката е умешност на спроведување, овозможување, остварување на волјата. Ако тоа му се можеше зошто не би му се можело ова сега?! Г-динот Ахмети на исчудувачкото прашање зошто лаконски одговара со контрапрашањето: А зошто да не.

Со таков одговор нашиот студент го поминал приемниот испит на толку престижен универзитет. Mногу веројатно е дека со истиот одговор и г-дин Ахмети ќе го помине изборниот испит во нималку престижната ни држава Република Северна Македонија, чиј најдобар универзитет веќе не е ниту во првите 1.500 универзитети во светот. Својот контраодговор г-дин Ахмети го даде пред седиштата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Со помош на  две младински иницијативи на ДУИ, едната наречена токму „Зошто да не,” а другата „Верувам”, ја промовираа идејата „Албанец за премиер“ обвинувајќи дека овие две македонски партии и наштетиле на албанската младина во земјава. За нив не е важно тоа што земјата масовно ја напуштаат не само млади етнички Албанци туку млади од сите народности. Ја напуштаат сите кои можат.

Едните од тука ги брка идеализмот на малцинските лидери како г-дин Ахмети, а другите опортунизмот на мнозинските лидери како г-динот Македончо – синомим за сите досегашни етномакедонски лидери. Премиерот Македончо како опортунист размислува за себеси (својата партија) и за денес. За разлика од него политичкиот идеалист размислува за колективот и за утре. Карактерно, тие се слаби личности кои исчекуваат шанса. За разлика од нив, идеалистите се силни личности кои ги создаваат своите и колективните шанси. Ако не денес утре, шансата ќе созрее, важно е да се сонува.

Политичките опортунисти како Македончо настојуваат и проектот за „премиер Албанец“ да го искористат како шанса за заплашување на сопствените гласачи со национализмот на идеалистите како Ахмети. Тие не влегоа во сериозно денунцирање на оваа идеја бидејќи ја чекаат својата шанса да преговараат и да се нагодат со нејзиниот промотор. Наместо да се обидат да ја победат оваа идеја како лоша за иднината на земјата, тие од страв да не го налутат нивниот потенцијален иден партнер ја игнорираат како наивна.

А наивни се токму тие, зашто г-дин Ахмети е начисто дека „идејата за премиер Албанец нема сила што може да ја уништи бидејќи идеите триумфираат“. Наместо од македонските, досега најжестоката критика на оваа идеја доаѓа од лидерите на другите етноалбански партии. Како таква критиката е повеќе афирматорска отколку денуницирачка. Така, на пример, Зијадин Села, на контроверзниот проект на Ахемти гледа, пред сѐ, како на проект за премиер под контрола на партијата ДУИ, а не како  проект за добробит на сите Албанци во земјата. Како главен аргумент за тоа Села го нуди самоиницијативното промовирање на оваа идеја од страна на Ахмети и ДУИ и без координација со другите етноалбански партии и водства.

Нормално таквата критика е повеќе пријателска отколку непријателска. Таа повеќе укажува на грешките и одговорноста за непотребното абење на таа идеја отколку на опасностите кои таа ги носи по демократијата. Каков би бил тој премиер на држава со парламентарна демократија, а кој не би имал мнозинска поддршка? Но, токму во тоа е проблемот со нашите политички опортунисти. Тие во повеќе наврати покажаа дека искористувањето на секоја опортуна прилика за заземање и одржување на власта им е главен критериум во нивното политичко дејствување, а не демократските принципи. Би било чудно овој пат да постапат поинаку. Ако за тоа имаат и најмала поткрепа во изборните резултати лаконски ќе ни соопштат – А зошто да не!?

(Ило Трајковски е универзитетски професор)