Алесандро Брагонѕи нов претставник на ЕИБ за Западен Балкан


Европската инвестициона банка ќе продолжи да го поддржува целиот регион на патот до обновувањето по КОВИД-19, до пристапувањето во ЕУ и до создавањето одржлив заеднички пазар

 

Алесандро Брагонѕи беше назначен за нов шеф на Претставништвото за Западен Балкан на Европската инвестициона банка (ЕИБ). Тој ја наследува Дубравка Негре, чијшто мандат заврши во средината на јануари.

Лилјана Павлова, потпретседателката на ЕИБ, одговорна за Западен Балкан, изјави: „Му се радуваме на изготвувањето нови иницијативи за овој регион, кога се во прашање обновувањето по КОВИД-19 и економската транзиција кон одржлив, поврзан, дигитален и зелен заеднички пазар. Како банка на ЕУ, остануваме на силната заложба да ги помогнеме социо-економското закрепнување и натамошниот развој на патот до ЕУ, во согласност со Економскиот и инвестицискиот план на Европската комисија и иницијативата Тим Европа. Овие иницијативи се од суштинско значење за создавање поконкурентен регионален пазар интегриран во рамките на синџирите на вредности на ЕУ и подобри услови за живот за луѓето низ целиот Западен Балкан. Како нов регионален претставник, уверени сме дека г. Брагонѕи ќе може да се надоврзе на минатите достигнувања и значајно да придонесе за активноста на Банката во областите на транспортната поврзаност, развојот на МСП и клучната инфраструктура, дигитализацијата, зелената транзиција и иновациите. Преку нашите локални канцеларии ширум регионот, кои го прошируваат доменот на ЕИБ, поттикнуваме добри и плодни односи со нашите локални партнери, коишто можат да се потпрат на нашата техничка и финансиска поддршка во спроведувањето на нивните клучни стратешки инвестиции во овие сектори. “

По преземањето на новата функција, Алесандро Брагонѕи изјави: „За мене претставува голема чест да преземам нова одговорност во регионот во време кога тој се соочува со нова година на предизвици. Западен Балкан беше тешко погоден од пандемијата и останува ранлив на натамошни шокови. Приоритетот на ЕИБ е засилување на економиите и здравствените системи, а истовремено и борба за паметно и зелено закрепнување. Ѝ се радувам на работата со владите, приватниот сектор и сите релевантни засегнати страни, меѓу кои и други МФИ, за зголемување на обновливата енергија и енергетската ефикасност, поддршка на одржливиот транспорт, зголемување на достапноста на социјално и пристапно домување и пристап до вода и помагање на компаниите во најпогодените сектори од пандемијата“.

Како дел од Тим Европа, приоритетите на ЕИБ за Западен Балкан и натаму ќе бидат поддршка на обновувањето по ковид-19, засилување и модернизирање на клучната инфраструктура и справување со финансиските потреби на малите и средни претпријатија преку нејзините партнерски банки. Банката на ЕУ ќе промовира инвестиции коишто поттикнуваат подобра и позелена транспортна поврзаност, модерна инфраструктура, посилен приватен сектор и транзиција кон зелена и дигитална економија, што исто така е во согласност со Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ.

Пред оваа функција, Брагонѕи беше претставник на ЕИБ за Албанија, одговорен за институционални и оперативни активности во оваа земја, како и во Северна Македонија и Косово. Брагонѕи 11 години е дел од ЕИБ. Пред актуелното назначување, има придонесено за развојот на активноста на Банката за мандатно управување со финансиските инструменти на ЕУ и го има проценувано, структурирано и преговарано финансирањето за инвестициски проекти, давајќи заеми за суверено, банкарско и проектно финансирање и има водено мултидисциплинарни тимови.

Како најголем инвеститор во регионот, ЕИБ има одобрено над 8,6 милијарди евра од 2009 година наваму за поддршка на модернизацијата на клучната инфраструктура и развојот на приватниот сектор во Западен Балкан. Досега ЕИБ има инвестирано 365 милиони евра во здравствените сектори, вклучувајќи го тука реновирањето на Клиничките центри во Ниш и Бања Лука, како и на 21 регионална болница. Со инвестиции од над 2 милијарди евра, има придонесено за изградбата на стотици километри автопати по поголемите регионални маршрути. За поддршка на малите и средни претпријатија, досега има одобрено над 4 милијарди евра, што има помогнато во задржувањето на над половина милион работни места на Западен Балкан. Само во 2020 година, банката на ЕУ има мобилизирано над 1 милијарда евра за помош од негативните последици на пандемијата на КОВИД-19.