Алексис Ципрас ќе добие награда за Преспанскиот договор
Наградата за мир „Никос Никифоридис“ ќе му биде доделена на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас во вторник, 24 септември 2024 година во 19 часот, во амфитеатарот „Милтијадис Еверт“ на Технополис во Атина.
Ципрас ја добива наградата за неговата улога во изготвувањето на Преспанскиот договор, со кој се реши долгогодишниот спор меѓу Македонија и Грција. Договорот, кој беше преговаран со тогашниот македонски премиер Зоран Заев, беше потпишан во 2018 година.
Наградата „Никос Никифоридис“ ќе им биде доделена и на двајца претставници на движењето за соживот на двете заедници во обединет Кипар. На Јоргос Лијаси, претседател на Унијата на кипарски бегалци на Грција, и на Неше Јашин, поет од кипарските Турци, професор на Универзитетот во Кипар.
Оваа награда се доделува секоја година од 2018 година за да се интернационализира споменот на мировниот борец Никос Никифоридис, кој на 22-годишна возраст го предводеше Мировниот младински фронт (1950) и кој го промовираше во Грција Стокхолмскиот апел за укинување на целото нуклеарно оружје. Никифордис беше уапсен, суден од воениот суд во Солун и осуден на смрт поради неговата мировна активност која се случуваше во врвот на Студената војна. Никос Никифоридис беше егзекутиранн 5 март 1951 година во Солун. Никифоридис е веројатно единствената личност во светот која ја имаше таквата судбина да биде осуден на смрт и егзекутиран поради мировни заложби.