Александар Вучиќ ѝ се обрати на јавноста три пати во трите денови на жалост

Претседателот на Србија ја обвини опозицијата дека сакала да ја искористи трагедијата, а тој се претстави дека знае сѐ и може сѐ


 

Александар Вучиќ, претседателот на Србија за време на тридневната национална жалост, дури три пати успеа да и се обрати на јавноста. Еднаш од Претседателството на Србија, втор пат од Владата, трет пат од јавниот сервис. И ако првото обраќање имаше смисла, од шокот од пукањето во училиштето „Владислав Рибникар“, другите две беа сосема непотребни и го нарушија молкот и жалоста што владееше во Србија. Нивната цел била да покажат дека и во такви страшни околности само еден човек „ги држи небото и земјата, животот и смртта на рамениците и е врвна институција“, велат соговорниците на весникот „Данас“.

Д-р Жарко Требјешанин, психолог, смета дека кога нешто толку страшно се случило во Србија во изминатите неколку дена, тогаш претседателот треба да  се обрати достоинствено, да биде доволно присебен и разумен, да ги смири луѓето и нивниот сосема оправдан страв од она што се случува. На сето тоа треба да се додаде некој утешен, охрабрувачки збор.

„Сето тоа недостасуваше во овие обраќања на Вучиќ, особено во последното на Радио телевизија на Србија. Замислете кога претседателот во ваква ситуација, кога сите се трауматизирани, ќе каже дека ќе има и полоши работи. Тоа е како да истураш масло во оган, но вашата намера е всушност да го изгасите огнот“, вели Требјешанин.

Според неговите зборови, дури ни мерките што ги предложи Вучиќ, а беа прифатени од Владата, не се носат на тој начин, без дискусија и јавна расправа и преку ноќ, бидејќи тоа е нешто што треба да трае.

„Владата го приватизираше сето тоа, без дискусија и какви било резерви, како да се десетте божји заповеди на Вучиќ. Не функционира така. Тие закони секако треба да важат долго време, инаку нема смисла постојано да се менуваат. А тоа намалување на старосната граница за кривично дело е ад хок мерка и утре некој може да му текне да ја спушти границата уште пониско.  Не се прави тоа така “, посочува Требјешанин и додава дека не е во ред да се инсистира на построги казни, бидејќи се знае дека реакциите за построги мерки се уште посурови.

Соговорниците на „Данас“ тврдат и дека претседателот ја преминал границата на пристојноста во начинот на кој им се обрати на граѓаните, дека не се откажал од етикетирање на опозицијата и другите неистомисленици, иако за тие теми немало ниту време ниту место. На моменти, и покрај воздишките, паузите во говорот, драмата, дури се чинеше дека самиот претседател не ја разбира длабочината на трагедијата што се случи и дека не разбира дека не е моментот да го сврти вниманието кон себе и кревање на рејтингот. Како да не разбира дека не е време за вбризгување на нови тензии во општеството и манипулации, а особено не е време да се шират некои нови поделби во општеството и да се шири омраза.

Требјешанин вели дека претседателот во сите три обраќања ја обвини опозицијата дека ја искористила трагедијата за да добие политички поени и токму тој го направи тоа. Вучиќ и се обрати на опозицијата со квалификации – ѓубриња, а тоа е јазикот на омразата кој стана секојдневие во комуникацијата.

Ратко Божовиќ, културолог, вели дека претседателот на Србија за три дена имал три различни настапи.

„Заедничко им беше тоа што тој беше супер институција, капа што покрива сѐ. И ако можевме да го разбереме неговото прво појавување, сè потоа беше надвор од неговите овластувања. Мерките на владата, претпоставувам, ги најавува владата, а не претседателот. Претпоставувам дека текот на настаните го објаснуваат полицијата и обвинителството, а не претседателот на државата“, забележува Божовиќ.

Тој оценува дека се покажало дека Вучиќ знае сѐ и може сѐ.

„Истовремено, тој не беше обврзан ниту со правото на приватност, ниту со личните податоци кои не се изнесуваат, ниту со информации од истрагата што не се објавуваат, ниту со квалификациите на делото, ниту со пресудата што ја изрече пред судот“, забележува социологот Божовиќ.

Соговорникот на „Данас“ вели дека интересен е и начинот на обраќање на претседателот и употребата на јазикот.

„Неговиот јазик се движи од сентиментална плачливост до милитантна грубост. Тој јазик е далеку од мирен и разумен говор. Кај него мерката се губи и во самофалење и во несогласување со неистомислениците“, заклучува Ратко Божовиќ.