Унгарски МОЛ најави дека долгорочно ќе ја задржи рафинеријата во Панчево доколку стане мнозински сопственик на НИС
Унгарската нафтена компанија МОЛ најави дека долгорочно ќе ја задржи рафинеријата во Панчево доколку стане мнозински сопственик на српската нафтена компанија НИС, пренесе српскиот јавен сервис РТС.
Од МОЛ соопштија дека рафинеријата има многу важна стратешка улога за обезбедување стабилно и непрекинато снабдување со енергенти.
„Целта на МОЛ е дополнително да ја зајакне сигурноста на снабдувањето во Србија и во регионот, истовремено користејќи ги синергиите меѓу рафинериите. Доколку договорот биде успешно реализиран, планираме да управуваме со постројката на долгорочен план“, соопшти унгарската компанија како одговор на прашање на изданието „Форбс“.
МОЛ склучи договор за купопродажба со руските компании кои поседуваат 56,15 отсто од капиталот на НИС, при што се очекува конечно одобрение од американската администрација, која на почетокот на 2025 година наложи санкции за српската нафтена компанија поради руската инвазија врз Украина.
Американските власти ѝ поставија рок на Србија до 22 мај целосно да го отстрани рускиот мнозински удел во НИС.
Истовремено, српската влада преговара со МОЛ за параметрите на обврските и одговорностите на акционерите во единствената српска нафтена компанија, во која државата поседува под 30 отсто од акциите.
Вчера српската министерка за енергетика и рударство, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, изјави дека овие преговори се во финална фаза.