Албанија прави етничка сегрегација во регионот


Албанскиот премиер Еди Рама влече потези кои предизвикуваат загриженост во регионот бидејќи, иако се спакувани во европски целофан, се на линија на идејата за големи држави. Последен повод за тоа е одлуката со која се укинуваат работните визи за граѓаните со албанско потекло од Македонија и од Црна Гора, како дел од владината политика за зацврстување на врските меѓу Албанците во регионот. Ова значи дека етничките Албанци од земјава и од Црна Гора, еднакво како и граѓаните на Албанија, ќе можат да бараат работа во Албанија, освен кога вработувањето е посебно поврзано со албанско државјанство, во согласност со важечкото законодавство. Одлуката е необјаснива од аспект на „колнењето“ на Рама во Рамковниот договор и заложбите нашите граѓани со албанско потекло да добијат еднаквост, а од друга страна носење дискриминаторска одлука која ги издвојува нив во однос на другите граѓани кај нас.

„Иако тоа може да изгледа како потег без непосредно влијание или звучи како целосно симболична иницијатива, ова е неопходен чекор кон зголемување на врските со Албанците во соседните земји без диференцијација врз основа на државјанство“, напиша на Фејсбук шефот на дипломатијата на Албанија, Гент Цакај.

Етничките Албанци, како што пишуваат медиумите во регионот, сочинуваат околу пет отсто од населението во Црна Гора, односно мнозинството во областа Тузи и поголемиот дел од југозападна Црна Гора. Додека вкупната невработеност во Црна Гора изнесува околу 16 отсто, таа бројка се доближува до 20 отсто во областите како што се Тузи и Улцињ, кои се дом на повеќето етнички Албанци во таа земја. Само 2,8 отсто од работните места на платниот список на државата ги држат етничките Албанци, според извештајот на владата за вработување на малцинствата во државата, објавен во јуни 2011 година. Кај нас, пак, тие се најголемото етничко малцинство и претставуваат околу една четвртина од населението од два милиони, според националниот попис во 2002 година.

„Статистиката покажува дека повеќе граѓани од Албанија доаѓаат тука кај нас отколку што одат во спротивен правец“, коментира универзитетскиот професор и советник на премиерот Зоран Заев, Мерсел Биљали. Прагматичната економско-политичка логика во регионот, вели тој, е дека е потребно да се развива заеднички пазар и да се спречи погубното иселување.

„Сигурно е дека недостига работна сила и во Албанија, особено во летниот период каде што се потребни работници во сегментот на услугата во приморските краишта. Но потег од ваков тип, кој подразбира селекција по етничка основа, без оглед дали има политичка цел или не, се коси со европските принципи. Таквата етничка сегрегација реално може да предизвика различни емоционални чувства и толкувања кај останатите етникуми. Одлуката репродуцира етничка призма на гледање на политиката од која како регион сакаме и треба да избегаме. Очекувано би било таа одлука да биде донесена на билатерално ниво меѓу две држави, иако има, ако не исти, тогаш слични примери и во други земји. Како, да речеме, во Хрватска, каде што во законската регулатива се предвидени посебни привилегии во тој дел за граѓаните од хрватско етничко потекло кои не живеат во својата земја“, вели Биљали, кој потсетува дека иста одлука во мај 2014 година владата на Албанија донела и за Албанците од Косово и Прешевската Долина во мај 2014 година.

Дебатата за цртање нови граници дополнително се разгоре откако српскиот претседател Александар Вучиќ ја внесе во игра размената на територии меѓу Србија и Косово за да се реши проблемот со српското малцинство на северот на Косово. Ситуацијата уште посензитивна ја направи веста од почетокот на годината дека границата меѓу Косово и Албанија повеќе не постои, како што се пофали тогаш косовскиот премиер Рамуш Харадинај.

„Голема Албанија пука во балканскиот мир. Пред очите на Западот, Албанците бришат граници и мавтаат со обединувања“, беа само дел од реакциите во дел од медиумите во регионот.

Дел од политичките аналитичари го гасеа пожарот објаснувајќи дека не станува збор за суспензија на границите, туку за „интегриран премин, заеднички граничен пункт, во вид на куќичка во која седат полицаец и цариник“, тврдејќи притоа дека доколку границата целосно се укине, па преку неа се проаѓа без покажување документ, тоа е целосно поинаков режим и меѓучекор до тоа еден ден во перспектива да се прогласи обединување. Минатата недела и претседателот на Косово, Хашим Тачи, кој престојуваше во Тирана, во рамки на Процесот Брдо-Бриони, објави на Фејсбук дека разговарал со Рама за потребата од целосно отворањето на границите меѓу Косово и Албанија и формирање „албански простор без граници, под евроатлантско покровителство“.

„На средбата ја спомнавме потребата да се поправат историските неправди, со обединување на албанскиот фактор околу сензибилизација на правото за приклучување на Прешево, Медвеѓа и Бујановац кон територијата на Република Косово“, рече Тачи.

Ваквата реторика, според аналитичарите, кај другите поранешни југословенски републики поттикнува загриженост поради големоалбанскиот национализам. Во таа насока се гледа и на пораките од Рама во кои еднаш вели: „Албанците во двете држави се браќа кои сега живеат во две различни земји и треба да се обединат“, за потоа да каже дека се залага за регион без граници.

Рама, велат аналитичарите, објективно има проблеми на внатрешен план, се соочува со протести и се обидува со приказни за укинување на границите да го сврти вниманието.

„Идеите за големи држави на Балканот се приказни за мали деца. Луѓето единствено ги интересира економскиот развој. Сè друго е надвор од здравиот разум. Рама е во незавидна позиција, иако реално опозицијата ја нема поддршката од меѓународната заедница. Сепак, тој е под некаква закана и очигледно се фаќа за секоја сламка на спасот, но не верувам дека одлуки како оваа со укинувањето на работните визи може да му помогнат“, смета Биљали.

Наум Котевски