Албанија не сака да ги пронајде 6.000 жртви на комунизмот


Затворот „Спач“ во Албанија, едно од најозлогалсените места каде што беа затворани и мачени луѓе за време на 50-те години комунизам

И покрај барањата на семејствата на убиените, и покрај повиците на ЕУ и ОБСЕ, ниедна албанска влада не сакаше да се впушти во потрага по жртвите на комунизмот. Тоа не го ветува ни владата на Еди Рама

 

Потомците на Назми Уручи ги бараат неговите останки речиси 80 години. Роден во северна Албанија во 1904 година, Назми беше цариник за време на краткото владеење на првиот и последениот владејачки монарх на Албанија, кралот Зогу.

Откако монархијата падна и комунистите требаше да ја преземат власта во земјата, беше испратена наредба да се „справат“ со оние што работеа за претходниот режим.

Уручи и двајца пријатели беа собрани и погубени во октомври 1944 година без судење. Неговите посмртни останки сè уште ги нема никаде, а државата одби да го признае неговото убиство или да помогне да се најде неговиот гроб.

„Сите загуби на животи се болни, но без гроб, без правда, без мотив, на само 40 години…треба да си го вратиме нашето достоинство“, изјави Хисен Дачи, внук на жртвата, за „Егзит“.

Случајот на Уручи е далеку од единствен. Многу повеќе исчезнаа за време на режимот на Енвер Хоџа по Втората светска војна. Повеќе од 6.000 луѓе сѐ уште се водат како исчезнати.

Албанија беше управувана од комунистичката партија помеѓу 1944 и 1991 година. Нашироко се сметаше за еден од најбруталните и најизолирани режими во историјата, одговорен за смртта на 25.000 луѓе преку егзекуција, убиства, глад и нехумани затвори и присилни работни логори. Илјадници други беа мачени, затворани и прогонувани.

Албанија не успева да дејствува

Во текот на минатата година, албанското обвинителство не спроведе никаква истрага за случаи на исчезнати лица од комунистичкиот режим, и покрај постојаните предупредувања од меѓународните претставници, се вели во неодамна објавениот извештај на Европската комисија.

Комисијата забележа дека овој неуспех и малиот број решени случаи „делумно се должат“ на недостаток на капацитети и ресурси. Тие повикаа на политичка волја за воспоставување ефикасен механизам за соработка меѓу релевантните институции и за зајакнување на јавната свест за ова прашање.

Во однос на потрагата по исчезнатите многу досиеја се депонирани кај обвинителите, но има мал напредок за многу од нив. Неколку поднесени од Програмата за Западен Балкан на Меѓународната комисија за исчезнати лица не напредуваа повеќе од три години.

Претходно оваа година, шефот на програмата, Метју Холидеј, рече дека албанската влада има законска обврска да дава одговорност за исчезнатите лица.

Потоа, во август, ОБСЕ рече дека фактот дека повеќе од 6.000 луѓе сѐ уште се водат како исчезнати и тоа е „сериозно кршење на човековите права“ што „длабоко и непрестајно ги погодува семејствата на исчезнатите кои копнеат по гроб за да ги оплакуваат своите најблиски“.

Правдата останува недостапна

Ниту албанската држава ниту Социјалистичката партија – директни потомци на комунистичката партија – официјално не се извинија за злосторствата извршени во текот на 50 години.

Нема официјален споменик за жртвите, а студентите добиваат малку информации за тоа што се случувало во тие години. Имаше малку пресуди за оние кои убиваа и мачеа невини луѓе.

Некои истакнати комунисти, вклучително и оние кои работеа во судството и официјалните улоги на режимот, сè уште имаат позиции на моќ денес. Во 2020 година, Агон Туфа, изтражувач за комунистички злосторства, беше принуден да побара азил во Швајцарија со своето семејство, по, како што рече, заканите по неговиот живот од поранешните комунисти на власт.

По повикот на ЕУ за правда, албанскиот обвинител Сокол Стојан изјави за локалните медиуми дека обвинителите немаат никаква улога во случајот на исчезнувања или егзекуции. Тој објасни дека тоа е затоа што тие „биле казнети според тогашните закони“, но призна дека некои обвинители одбиле да ги решаваат случаите што се наоѓаат на нивните бироа.

Обвинителот, исто така, рече дека статусот на застареност им оневозможува на обвинителите да отворат истраги за исчезнувања што се случиле пред неколку децении.

Премиерот Еди Рама вели дека неговата влада „направила колку што можеме“ за да ја извади на виделина приказната за оние кои страдале за време на комунизмот и продолжуваат да страдаат денес.

Во говорот одржан во август на инаугурацијата на изложбата на документи од поранешна државна безбедност наречена „Сигурими со свои зборови“, Рама рече:

„Сите приказни за прогони и мачења кои доаѓаат од диктатурата, подалеку од само личното страдање, се приказни за страдања вградени во општествената совест. Во онаа на другите генерации, кај оние кои се родени во комунистичкиот период, но можеа да изградат друг живот, и кај оние кои се родени во посткомунистичкиот период и за кои комунизмот е приказна научена од книги или постари, но не е животен факт“.

„Се обидовме да направиме колку што можеме, иако сигурно никогаш не е доволно да ја извадиме оваа приказна на виделина.

Додека им се обраќаше на исчезнатите жртви, тој не вети дека ќе ги најде.

Се чини дека повикот на ЕУ ќе остане неодговорен додека во земјата недостига политичка, судска и економска волја. Во меѓувреме, семејствата на жртвите продолжуваат да страдаат.

Сазан Велај зборува со мешавина и тага и гнев.

„Имав седум години кога го убија татко ми, се трудевме многу, но не можевме да го најдеме. За семејството е од големо значење да ги најдеме коските на нашиот татко, нема ништо поважно“, рече тој, додавајќи „човекот е силен да преживее такво страдање“. (Exit.al)