Албанија ја потпиша Хашката конвенција за признавање и извршување на странски пресуди во граѓански и трговски прашања
Албанија ја потпиша Хашката конвенција за признавање и извршување на странски пресуди во граѓански и трговски прашања, чин кој министерот за правда, Улси Мања, го нарече историски чекор за албанската правда.
Во објава на социјалните мрежи, Мања напиша дека „ова е важен чекор кон изградба на посигурен и попристапен правосуден систем за албанските граѓани и бизниси“.
-Ова достигнување значително ги намалува трошоците и времето на извршување на судските одлуки, ја подобрува деловната клима и ја зајакнува меѓународната соработка. Конвенцијата поставува силна основа за меѓународна соработка и усогласување на албанското законодавство со стандардите на Европската Унија, додава Мања.
Како членка на хашката конференција за меѓународно приватно право, Албанија сега е страна во 17 конвенции на оваа организација, од кои четири се потпишани од министерот за правда Улси Мања, со што се зајакнува угледот на Албанија во меѓународната правда.