Албанија и Косово планираат производство на оклопни возила, ќе се приклучи и Хрватска


Вршителот на должноста министер за одбрана на Косово, Ејуп Маќедончи, објави дека военото оклопно возило „Шота“, дизајнирано во Албанија, ќе се произведува и во Косово, во рамките на регионалната соработка насочена кон вклучување на Хрватска.

Косово се подготвува да започне со производство на оклопни возила. Планот е локално производство на оклопното возило „Шота“ од албански дизајн, како дел од трилатералната рамка на одбранбена соработка со Албанија и Хрватска, пишува Дневник.хр.

Ејуп Маќедончи, вршителот на должноста министер за одбрана на Косово, потврди дека се водат разговори со Албанија со цел финализирање на билатерален договор што подоцна би се проширил и на Хрватска. Во интервју емитувано на 60 минути и објавено од Коха, Маќедончи рече дека партнерите во принцип се согласиле заеднички да го развиваат и произведуваат возилото.

Производството, вели тој, би било географски распределено, при што различни компоненти ќе се произведуваат во секоја земја. Доколку се реализира, проектот ќе биде првпат три балкански земји заеднички да произведуваат воено оклопно возило, наменето и за нивните национални вооружени сили и за извозните пазари.

„Во првичните разговори, се согласивме еден дел да се произведува во Косово, еден во Албанија и еден во Хрватска“, рече Маќедончи.

Иницијативата се темели на меморандумот за соработка во областа на одбраната и безбедноста потпишан од Косово, Албанија и Хрватска во март во Тирана, што остава простор за дополнителни земји да се приклучат во подоцнежна фаза.

Косово планира да се движи кон целосна воена операционализација од следната година, вклучително и набавки во воздушната одбрана и хеликоптерската авијација. Маќедончи рече дека се во тек разговори со Пентагон за потенцијално купување хеликоптери „Блек Хок“, нагласувајќи дека главни одбранбени партнери на Косово се сè уште САД и Турција, а соработката се проширува кон Германија, Италија, Обединетото Кралство, Хрватска и Чешка.

Тој, исто така, нагласи дека според планот на косовските вооружени сили, земјата треба да има 5.000 активни членови до 2028 година, а во моментов има 4.460.

Трилатералниот меморандум за одбрана предизвика остри критики од Србија, која тврди дека го крши подрегионалниот договор за контрола на оружјето од 1996 година и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН. Белград тврди дека, според резолуцијата, КФОР останува единствената овластена вооружена сила во Косово.