Аларм во Софија: Вајц повторно работи за Македонија

За Софија сега е спорно зошто известувачот Вајц побара од Европскиот совет да се изјасни каков е правниот статус на вториот протокол


 

Амандманите за извештајот на Томас Вајц за Македонија во Европскиот парламент повторно запалија црвен аларм во Софија. Најзагрижениот за бугарската кауза БГНЕС објави подолга реакција во која оценува дека барањето Европскиот совет да каже каков е правниот статус на вториот протокол потпишан меѓу Бугарија и Македонија е обид нашата држава да почне преговори со ЕУ без да го исполни условот од Преговарачката рамка – Бугарите да влезат во Уставот.   

„Известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, поднесе предлог за амандман на својот последен извештај, со кој го доведува во прашање вториот протокол кон Договорот меѓу Бугарија и Северна Македонија, кој самата ЕУ го посочи како дел од Преговорната рамка. Со амандманот 108, Вајц предлага текстот на идната резолуција да биде напишан така што Европскиот парламент ‘ја повикува правната служба на Советот итно да ги разјасни сите двосмислености во врска со правниот статус на вториот билатерален протокол кон Договорот за добрососедство и пријателство меѓу двете земји во врска со процесот на пристапување’“.

Текст што звучи безопасно сам по себе, но зошто е пречка? Протоколот експлицитно наведува дека следната меѓувладина конференција, која ја завршува фазата на отворање преговори, ќе се одржи дури откако Северна Македонија ќе ги вклучи Бугарите во својот устав. Протоколот беше усвоен во рамките на Вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија според член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија, одржан во Софија на 17 јули 2022 година.

Целта на овој текст е да се започнат преговори за пристапување на Северна Македонија без Скопјe да ги исполни своите обврски и пред Бугарите да бидат вклучени во нивниот основен закон. Не може, а да не предизвика загриженост тоа што барањето на Томас Вајц целосно одговара на политиката на северно македонскиот премиер, како и на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, коментира во анализата БГНЕС.

Медиумот притоа потсетува дека минатата година, поранешната пратеничка Лилјана Поповска, која е поврзана со поранешниот премиер Никола Груевски, покрена постапка за оспорување на вториот протокол.

„Нејзината жалба беше прифатена на разгледување од страна на Уставниот суд на Северна Македонија во краток рок. Поповска тврди дека протоколот е во спротивност со Уставот, има неточна правна форма и влијае на прашања поврзани со идентитетот. Сепак, судот не се изјасни за него ни половина година подоцна. Тука се поставува разумното прашање дали известувачот на ЕП сака правната служба на Советот да донесе одлука наместо Уставниот суд во Скопје, така што евентуалната поволна оценка во корист на Северна Македонија би се претставила како ‘европска’ одлука, а не како обид на земја-кандидат да ги заобиколи условите“, пишува БГНЕС. 

БГНЕС, исто така, потсетува на ставовите на Македонија во врска со процесот на подготовка на минатогодишниот извештај за Северна Македонија, повторно напишан од Томас Вајц, од кој стана јасно дека македонскиот премиер однапред имал доверливи внатрешни информации во реално време за текстовите во документот. Во својот извештај оваа година, Вајц го повторува својот повик „за зајакнување на способноста на ЕУ да дејствува преку воведување делумно гласање со квалификувано мнозинство во областите поврзани со процесот на пристапување, вклучително и со укинување на барањето за едногласност во средните фази од процесот на проширување за одлуки за отворање и затворање на поединечни преговарачки групи и поглавја…“

Но, она што многу ги иритира во Софија е амандманот 214, во кој известувачот ја нагласува „обврската на сите земји-членки на Советот на Европа, вклучувајќи ги земјите-членки на ЕУ, како и земјите-кандидатки и потенцијални кандидатки, брзо да ги спроведат преостанатите пресуди на Европскиот суд за човекови права (ЕКЧП)“, додавајќи дека сите законски измени мора да бидат во согласност со меѓународните стандарди, препораките на Венецијанската комисија и Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ).

„Загриженоста на Вајц за спроведувањето на пресудите на ЕКЧП е пофална, но ваквите формулации немаат место во документ чија единствена функција е да ја утврди подготвеноста на Скопје да биде дел од демократските европски држави. На сите им е јасно дека иако земјите-членки не се експлицитно споменати, текстот на Предлогот 214 јасно се однесува на Бугарија и групата случаи на ОМО ‘Илинден’ во ЕСЧП. Неприфатливо е известувач на Европскиот парламент да наметнува обврски на земја-членка или да ја оценува во рамките на извештај за земја-кандидат. Овие текстови се целосно во согласност со реториката на Скопје, со која Вајц ги доведува во прашање веќе договорените елементи на преговарачката рамка, а од друга страна, Северна Македонија не ги почитува препораките на Венецијанската комисија и ЕКРИ“, коментира БГНЕС.

Според медиумот, обидот да се заобиколи едногласноста при донесувањето одлуки во врска со процесот на преговори со земја-кандидат, која со години одбива да се придржува до Преговарачката рамка усвоена од неа, е целосно неприфатлив.

„Кога Томас Вајц го подготвуваше минатогодишниот извештај за Северна Македонија, ниту еден претставник на Бугарија во европските институции не презеде одговорност за вклучување на формулацијата ‘македонски идентитет и јазик’ во неговата конечна верзија во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ), за што Европскиот парламент нема надлежност да се изјаснува. Требаше да се гласа на пленарна седница за текстовите излобирани од Скопје да бидат отстранети од резолуцијата. Овој пат, согласувањето со опцијата за ‘компромис’ или целосното повлекување од амандманите отвора врата за непредвидливи и неконтролирани последици, смета БГНЕС.

Затоа, медиумот ги повикува бугарските европратеници да не станат соучесници во напорите на Скопје да не ги исполни своите меѓународни обврски „и да ги префрли последиците од сопствената неспособност врз Софија“. Изборната кампања во Бугарија не ги ослободува бугарските европратеници од политичка одговорност, пишува БГНЕС.

 И бугарски „Факти“ пишува дека австрискиот европратеник повторно ги разгорел тензиите меѓу Северна Македонија и Бугарија откако објавил дека билатералните прашања не треба да бидат дел од европската преговарачка рамка.

-Ова го доведува во прашање статусот на таканаречениот втор протокол меѓу Бугарија и Северна Македонија. Вториот протокол е дополнителен документ на Договорот за добрососедство од 2017 година, потпишан во 2022 година, во кој се прецизираат обврските меѓу двете земји. Тој вклучува мерки поврзани со гарантирање на правата на Бугарите во Северна Македонија, ограничување на говорот на омраза и спроведување на договори во областа на историјата и образованието. Овој протокол е дел од европската преговарачка рамка и е обврзувачки, пишува „Факти“, пренесувајќи оценка од  Димче Јамандиев, претставник на Движењето на обединетите Бугари.

Според Јамандиев изјавата на Вајц не е изолирано мислење, туку дел од поширока линија на ослабување на условите во процесот на проширување на ЕУ.

-Тој се обидува да го претстави задолжителниот елемент од преговорите како второстепен, што е неточно. Доколку се усвои таква линија, тоа ќе доведе до поништување на договорените обврски и до формално спроведување без реални резултати. Мора да се спротивставиме на секој обид за елиминирање или заобиколување на веќе договорените услови. Ќе им сигнализираме на европските институции и ќе инсистираме овие обврски да се почитуваат во целост. Отсуството на реакција во моментов е сериозен проблем. Молчењето во вакви ситуации не функционира во корист на Бугарија. Се перцепира како согласност и создава услови за притисок. Потребна е јасна и соодветна позиција од бугарската држава. Она што е договорено мора да се заштитува доследно и без двоумење. Бугарија не може да си дозволи пасивност кон Северна Македонија. Ќе инсистираме и ќе дејствуваме за да спречиме поништување на договорените обврски. А заканата од ова да се случи е голема, вели Јамандиев.

Според него ова директно влијае на бугарската заедница во Северна Македонија бидејќи кога нема механизам за контрола и спроведување, правата остануваат само на хартија.

-Ова значи дека проблемите нема да се решат, туку ќе продолжат. Отстранувањето на протоколите ќе доведе до недостаток на ефикасен механизам за влијание. Ова значи дека говорот на омраза ќе продолжи, фалсификувањето на историјата ќе продолжи, а правата на бугарската заедница ќе останат без вистинска заштита, смета тој сугерирајќи дека тоа може да стане тренд бидејќи во европската политика, секоја слабост се експлоатира.

Она што не го гледаат политичарите и медиумите во Бугарија е дека со отворање на ваквите прашања, известувачот Вајц практично ја тестира Софија, односно дали откако ќе ги направи уставните измени македонија, таа ќе стави нови рамки на евроинтеграцијата на Македонија. Додека во претходниот извештај се тестираше ставот на Софија кон македонскиот јазик и идентитет, сега се вади на „површина“ и амбицијата на Бугарија да ги менува внатрешните состојби во Македонија, од тоа што учи во историјата и образованието, како ќе се справува со своето минато, со празниците, историските личности и други прашања опфатени со протоколот,а пред се со ветувањата на Брисел дека уставните измени се идинствен услов. реално, испаѓа дека Бугарија наседнува на провокациите од Македонија и покажува дека единствена цел и е само да ја блокира евроинтеграцијата на нашата држава. Практично место да нагаѓаме ние тука дали протоколот е услов или не за ЕУ и како ќе изгледаат натаму преговорите, од Бугарија  тоа практично и во „живо“ ни го демонстрираат, и нам и на Брисел.