Активисти се борат да го спречат сечењето на елка стара 200 години: Му пишаа на папата


Активисти за заштита на животната средина во северната италијанска провинција Трентино започнаа кампања за спречување на сечењето на 200-годишната елка која требаше да биде главна декорација за овогодинешните божиќни прослави во Ватикан.

Активистите во отворено писмо го повикаа папата Франциско да го спречи сечењето на дрвото следната недела пред да биде пренесено на плоштадот Свети Петар за неговото откривање на 9 декември, објави Гардијан.

Над 40.000 луѓе се потпишаа на петицијата, а жителите на Ледро, град со околу 600 жители, наводно планираат да протестираат со блокирање на патиштата за да спречат транспорт на елката во Рим.

Елката во долината Ледро во провинцијата Трентино е висока 29 метри.

Активистите тврдат дека уште 39 дрвја ќе бидат исечени и испратени во Ватикан за да бидат украсени за Божиќ по цена од 60.000 евра.

Властите ги демантираа тие тврдења, наведувајќи дека сечата и транспортот на 200 години старата елка чинела 6.000 евра.

Традицијата на новогодишна елка во Ватикан започна во 1982 година.