Ако ги одбиете невакцинираните, ќе дојдат вакцинирани попишувачи


По пауза од речиси 20 години стартува националниот попис на населени. Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, за „Локално“ вели дека бројката од 5.000 попишувачи и 500 инструктори е оптимална, со која се очекува да се спроведе успешен попис во државата.

– Во недела во 8:00, полни со енергија и ентузијазам одиме на попис. Сигурен сум дека и граѓаните сакаат да се попишат бидејќи знаат колку е важна оваа статистичка операција за иднината на државата, вели Симовски.

За тоа колкав ќе биде бројот на административни работници со договор на дело што ќе се вклучат во попишувањето ќе се знае во сабота, кога на прес конференција директорот на Заводот за статистика, Симовски ќе ги обелодени сите инфомрации за пописот.

-Ќе ги обезбедиме попишувачи бидејќи не станува збор за голем број, од кој што ќе зависи дали ќе почне пописот, вели Симовски.

Според првиот човек на статистика, состојбата со пандемијата е загрижувачка, но додава дека со строго почитување на протоколите и мерките за заштита од коронавирусот во Македонија ќе се одржи успешен попис кој ќе почне на 5 а се планира да заврши на 30 септември. До истиот датум ќе трае и он – лајн попишувањето на дијаспората кој започна на први март.