Акциите на „СпејсИкс“ скокнаа за 11 отсто на историското деби на берзата, сега вреди 2 билиони долари


Компанијата „СпејсИкс“ (SpaceX) на Илон Маск денеска забележа рекордно деби на берзата при нејзината првична јавна понуда (ИПО), откако вредноста на акциите на отворањето скокна за повеќе од 11 отсто, достигнувајќи 150 долари во споредба со почетната цена од 135 долари.

Со овој скок, пазарната вредност на компанијата се искачи на речиси два билиони долари. Ваквата почетна проценка го направи Маск – преку неговите удели во „СпејсИкс“ и во производителот на електрични автомобили „Тесла“ – првиот човек во историјата кој поседува богатство од еден билион долари, барем на хартија..

„СпејсИкс“, која меѓу другото е позната и по својот сателитски интернет сервис „Старлинк“, продаде околу 555,6 милиони акции по почетна цена од 135 долари, собирајќи 75 милијарди долари во тој процес. Претходниот рекорд за најголема првична јавна понуда го држеше саудиската нафтена компанија „Арамко“ (Aramco), која во 2019 година собра нешто повеќе од 29 милијарди долари.

Само со почетната цена на акцијата, „СпејсИкс“ веќе беше проценета на 1,77 билиони долари, што е повеќе од матичната компанија на Фејсбук, „Мета“.

Според цената на отворањето на берзата, компанијата сега се рангира меѓу највредните американски фирми, веднаш зад „Нвидиа“ (Nvidia), „Епл“ (Apple), матичната компанија на Гугл – „Алфабет“ (Alphabet), „Мајкрософт“ (Microsoft) и „Амазон“ (Amazon). Првото место, поттикнато од бумот на вештачката интелигенција, и понатаму го држи „Нвидиа“ со моментална вредност од речиси пет билиони долари“.

Маск е најголемиот добитник од ИПО-то на „СпејсИкс“, бидејќи тој е мнозински акционер на компанијата и поседува повеќе од 41 процент од нејзините акции. Sky News пишува дека порастот на цената на акциите го направи Маск првиот милијардер во светот.

Маск рече дека „СпејсИкс“ излегува на берза за да собере пари за своите амбициозни планови, кои вклучуваат сателити, центри за податоци во вселената и долгорочната цел за колонизација на Марс. „Не само неколку астронаути, мислам буквално на вас“, рече Маск, осврнувајќи се на плановите на „СпејсИкс“ да овозможи идни патувања до Месечината, Марс и пошироко.

Аналитичарите истакнуваат дека интересот на инвеститорите не се базира само на вселенската програма, туку и на вештачката интелигенција. „СпејсИкс“ се претставува на пазарот како компанија која комбинира системи за лансирање ракети, сателитската мрежа Starlink и развојот на вештачката интелигенција.

Компанијата сè уште не е профитабилна

И покрај рекордниот интерес на инвеститорите, „СпејсИкс“ сè уште не е профитабилна, според Sky News. Компанијата забележа загуба од 4,9 милијарди долари минатата година, а поголемиот дел од своите пари ги троши на капитално интензивни проекти.

Профитабилниот дел од бизнисот е Starlink, сателитска интернет мрежа која минатата година оствари оперативен профит од 4,4 милијарди долари. Другите делови од бизнисот, вклучувајќи ги вселенскиот и сегментот на вештачката интелигенција, работат со загуба.

Затоа некои аналитичари предупредуваат дека е тешко прецизно да се утврди што всушност купуваат инвеститорите. Некои го гледаат „СпејсИкс“ како вселенска компанија, други како облог на технологија и вештачка интелигенција, а многумина првенствено инвестираат во личниот бренд на Маск.

Тест за другите технолошки гиганти

ИПО-то на „СпејсИкс“ би можело да биде важен тест за други големи приватни технолошки компании, како што се Anthropic и OpenAI, кои исто така се споменуваат како потенцијални кандидати за ИПО. Доколку побарувачката за „СпејсИкс“ се покаже како одржлива, тоа би можело да отвори врата за нов бран големи технолошки јавни понуди.

Но, конечната проценка на компанијата ќе биде одредена од пазарот, бидејќи цената на акциите ќе варира во иднина во зависност од понудата, побарувачката и довербата на инвеститорите во визијата на Маск. Засега, јасно е дека „СпејсИкс“ ја реализираше една од најголемите ИПО-и во историјата и дека му донесе на Маск историско ниво на лично богатство.