Ајфеловата кула добива уште еден слој боја: Ќе чини 80 милиони евра

Поради ‘рѓа на најпознатата туристичка атракција во Париз, Ајфеловата кула, градските власти одобрија дополнителни средства за нејзино отстранување за да ја заштитат од распаѓање.
„Во неверојатна состојба е“, изјави во вторникот Жан-Франсоа Мартинс, раководител на компанијата што управува со ова париско обележје, непосредно пред завршувањето на обемното реновирање.
„Кулата е исклучително цврста, а металот е во совршена состојба“, рече Мартинс, додавајќи дека досега од кулата се отстранети дури 19 слоја боја како дел од работата. Тој додаде дека Густав Ајфел ги избрал само најдобрите материјали за изградба на кулата, која била подигната за Светскиот саем во 1889 година.
Загриженоста за очигледниот проблем со ‘рѓа за прв пат беше покрената пред повеќе од една година. Вработените што работеа на реновирањето штрајкуваа неколку дена, барајќи дополнителни средства за одржување на кулата.
Реновирањето е одложено поради пандемијата
Работата на 20-тиот слој боја сега е во полн ек и треба да биде завршена следната година, со вкупна цена од околу 80 милиони евра. Работата што започна во 2019 година беше одложена поради пандемијата на коронавирус, а премазите со боја на база на олово предизвикаа дополнителни одложувања.
Околу 58 милиони евра беа потрошени за целосно реновирање на само еден од трите лифтови за посетители и негово враќање во првобитната состојба. Посебен план за замена на олимписките прстени поставени на кулата за Олимписките игри во 2024 година првично наиде на тешкотии, но не беше напуштен.
Неодамнешна анкета спроведена меѓу посетителите покажа дека нивното задоволство се зголемило од 81 процент на 96 проценти во 2019 година. Мартинс потсети дека зголеменото присуство на полицијата резултирало со намалување на бројот на кражби и агресивно однесување во областа околу кулата. Само минатата година, ова париско обележје го посетија околу 6,3 милиони посетители од 150 земји.