Аја Софија низ објективот: Светлина, тишина и вечна убавина


Скопје, по Белград и Загреб, синоќа, на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан , во рамки на 47. Скопско лето, и во соработка со Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, ја виде безвременската естетика на Аја Софија низ десетина фотографии на славните турски фотографи Изет Керибар и Мехмед Озчај. 

Изложбата „Света Софија- Светлината на тишината“  не беше само фотографска поставка, туку патување низ времето и духовноста. Во атмосфера исполнета со тивка восхитеност, посетителите се задржуваа пред фотографиите како пред прозорци кон едно безвременско наследство кое ги поврзува христијанската и исламската традиција. Објективите на Керибар и Озџај ја доловија не само архитекстонската величенственост на Аја Софија, некогаш христијанска катедрала, па џамија, па музеј, па пак џамија, туку и нејзината внатрешна тишина – светлина што не заслепува, туку смирува.

Низ играта на сенките, златните мозаици, куполите и вековните детали, фотографиите ја откриваат безвременската естетика на овој уникатен споменик, кој со векови ги спојува културите, цивилизациите и духовните традиции. Секоја фотографија носеше чувство на мир, и почит кон просторот што останува симбол на историјата, уметноста и човечката духовност.

Директорот на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, д-р Јунус Дилбер, ги поздрави гостите на изложбата во Сули ан

Токму затоа изложбата е важна и предизвика интерес во јавноста, не само поради фотографската мајсторија, туку и поради можноста преку фотографијата да се почувствува она што тешко се изразува со зборови: тишината што зборува, светлината што инспирира и убавината што не ја допира времето.

Емине Адеми, истакната новинарка во пензија, активна на полето на образованието и невладините организации, со 30-годишна кариера во Турската програма на Радио Скопје, меѓу гостите на изложбата

Аја Софија е изградена во шести век како христијанска катедрала. По освојувањето на Константинопол во 1453 година, беше претворена во џамија. Во 1935 година, по одлука на Мустафа Кемал Ататурк, станала музеј. Во 2020 година, по судска одлука и указ на Реџеп Таип Ердоган, повторно е отворена како џамија. И покрај тоа, останува отворена за туристи и посетители надвор од времето за молитва. 

Фотографот Изет Керибар (1936, Истанбул) е добитник на бројни меѓународни признанија,  меѓу кои титулите  AFIAP и EFIAР од меѓународната федерација за фотографска уметност, како и највисоки турски државни награди за култура и уметност.

Фотографот Мехмет Озчај (1960, Чајкара) е пред се врвен калиграф, со меѓународна репутација во исламската калиграфија, а фотографијата му е дополнителна уметничка активност, а не главна професија. Неговите дела се наоѓаат во музеии, џамии и приватни колекции во многу земји. 

Л. Сабит

Фото: Скопско лето

Директорката на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје и главен проектен менаџер на фестивалот „Скопско лето“ , Василија Чали