Ахмети го истакна државното знаме во Мала Речица по 24 години


Лидерот на ДУИ Али Ахмети конечно по 24 години од основањето на партијата го поставил државното знаме во неговата канцеларија во седиштето во Мала Речица. Државниот симбол е виден за време на средбата на Ахмети со австрискиот амбасадор, Мартин Памер. Впечатливо е дека Ахмети во изјава за порталот на албански јазик „Тетова сот“ рекол дека отсекогаш бил за унитарна држава, но и дека државното знаме го поставил во канцеларијата по сугестија на амбасадорите.

„Отсекогаш сум бил за унитарна држава, тоа беше и предлог на странските амбасадори во земјава, бидејќи на средбите со нив ми беше предложено знамето на државата Северна Македонија да биде поставено во мојата канцеларија“, изјави Ахмети.

Тој додал дека поставувањето на државното знаме е во согласност со верувањето дека државата им припаѓа на сите граѓани и дека државните симболи мора да се почитуваат. Инаку во седиштето на ДУИ во Мала Речица државното знаме редовно е истакнато во салата за состаноци кога партијата држи прес-конференции.