АЕК бара нов термин за реваншот со Алкалоид


Барање, не само наше, туку и на сите оние кои навистина сакаат натпреварите да се одлучуваат на терен со услови на праведност и еднаквост, е да се презакаже второто финале и да се почитуваат прописите на Европската федерација, кои Алкалоид ги прекрши, а не АЕК, соопштија претпладнево од атинскиот клуб, јави дописничката на МИА од Атина.

Од АЕК тврдат дека уште од првиот момент „водат огромна битка за да се одбранат, не само честа и достоинството на клубот и навивачите, туку и на грчкиот ракомет и земјата“, додаваат дека се борат и „за многу сериозни прашања, како што е реакција на провокацијата да не им се дозволи на грчките граѓани легално да ја преминат границата кон друга европска земја“.

– Кој навистина може да ја оправда и награди „блокадата“ на границата и своеволната забрана за легален влез на кој било број грчки граѓани без да постојат ограничувања, со оглед на тоа што немаше никаква директива за забрана на движење, индивидуално или организирано? Зошто не беше почитувана одредбата „90-10“ на Европската федерација? И од моментот кога од наводни „безбедносни причини“, на навивачите на АЕК им беа дадени 200 билети, зошто тогаш не беа 1.800 картите за навивачите на Алкалоид, а видовме полна сала со повеќе од 6.000 Скопјани?, коментираат од АЕК.

Паралелно го поздравуваат и писмото од Ракометната федерација на Грција испратено вчера до ЕХФ.

– Луѓето од Грчката федерација беа присутни и видоа и разбраа сè. Присутни на сè  беа и одговорните лица од Европската федерација, кои добро знаат што се случи на безбедносниот состанок што беше свикан, што беше договорено и кој го почитуваше, а кој не ги почитуваше договореното. Се надеваме дека ќе бидат на висина на задачата и со нивната одлука ќе докажат дека сакаат за сите натпревари да се одлучува на терените, согласно воспоставените прописи, пишува во соопштението од АЕК.

Луда одлука на ЕХФ: Ќе има правна постапка и против Алкалоид и против АЕК!
 
Европската ракометна федерација се чини дека не знае што да прави со неодиграниот реванш-меч од финалето на Европскиот куп, па се одлучи да покрене дисциплинска постапка против двете екипи, и против Алкалоид и против АЕК.
 
Наместо да донесе логична одлука и да го додели трофејот на Алкалоид, ЕХФ сега ќе собира докази, велат од Алкалоид.
 
„Европската ракометна федерација во вторникот ги предаде сите релевантни информации што ги поседува на своите правни тела и побара иницирање на правна постапка против клубовите РК Алкалоид и АЕК Атина.
 
Овој чекор беше преземен откако реванш натпреварот од финалето на ЕХФ Европскиот куп за мажи меѓу двата клуба во неделата, на 25 мај, беше откажан.
 
Информациите што ЕХФ ги достави до правните тела, меѓу другото, се однесуваат на распределбата на билети за гостинските навивачи од страна на РК Алкалоид во пресрет на натпреварот, како и на одбивањето на АЕК Атина да излезе на теренот за почетокот на натпреварот.
 
Од двата клуба е побарано да достават свои изјави, односно информации од нивна страна кои ќе бидат разгледани од правните тела.
 
Дополнителни информации ќе бидат објавени дури по донесување на правна одлука.“ – се вели во соопштението објавено на сајтот на ЕХФ.

 

Вториот натпревар од финалето во ЕХФ Европскиот куп меѓу Алкалоид и АЕК требаше да се одигра во неделата во Скопје, но не се одржа откако играчите на гостинскиот тим одбија да излезат на терен.