Адвокатот на осомничениот за тероризам во Виена вели: Властите го преувеличаа случајот
Адвокатот на главниот осомничен за планирање на нападот пред концертот на американската поп ѕвезда Тејлор Свифт во Виена, денеска изјави дека властите го преувеличиле случајот. Осомничениот 19-годишен Австриец, чие име не е објавено поради австриските правила за приватност, беше уапсен минатата среда, а организаторите ги откажаа сите концерти на пејачката кои требаше да се одржат на стадионот Ернст Хапел во австриската престолнина. сепак познато е дека тој е по потекло од Гостивар.
Австриските власти објавија дека осомничениот имал намера да изврши напад надвор од стадионот, убивајќи што е можно повеќе луѓе со ножеви или рачно изработен експлозив.
Овој 19-годишен главен осомничен и 17-годишник беа уапсени во вторникот минатата недела, додека 15-годишник исто така беше сослушан во врска со случајот, но не беше уапсен.
Австриската полиција во куќата на еден од двајцата уапсени пронашла знаци на екстремистичките организации Исламска држава и Ал Каеда.
Како реакција на наводниот заговор за терористички напад австрискиот канцелар Карл Нехамер денеска изјави дека ќе преземе мерки за подобрување на капацитетот на земјата за борба против тероризмот. Според информациите на австрискиот весник „Кронен Цајтунг“, канцеларот ќе предложи план од четири точки за зајакнување на безбедносните служби. На пример, службите ќе добијат овластувања за следење на пораките испраќани преку комуникациски апликации – нешто што моментално не е дозволено во Австрија.