Администрацијата е бавна и прави проблеми


НИКОЛА ПОПОВСКИ

Во една пригода, иконата на економскиот ултранеокласицизам, познатиот економист и професор Фридриф Хајек, напиша дека основната задача на економската теорија е да објасни како се доаѓа до приспособувањето кон непознатото. „Недвојствено е дека постојаните промени во економските активности се предизвикани од голем број фактори што никој во целина не ги познава. Оттука, ние постојано се однесуваме со намера да се приспособуваме на тие фактори што ни се непознати и за таа цел можеме да се служиме само со ограничени и фрагментирани податоци… Системот е пазарот, а сигналите се цените“, вели тој. Цените се сигнали што би требало да им соопштуваат на учесниците во економските активности за тоа што треба да прават тие во соодветни околности.
Ваквите сфаќања иако се можеби претерани, сепак се темел на пазарниот економски модел во неговата прилично чиста форма, но и предмет на многу негирања заради многуте несовршености и потфрлања на истиот тој модел што доведуваат до економски дисторзии, неефикасно користење на расположливите ресурси и огромни реални нееднаквости.
Постојат многу индиции дека македонската влада во моментов претежно се занимава со обиди да се промовираат токму „негирањата“ и со постојани притисоци врз системот кој, на некој чуден начин, треба да биде оттргнат од преголемото пазарно влијание. Имено, се чини дека непотребниот и преголем државен директен интервенционизам врз пазарниот механизам почнува да станува некаква „нова нормала“ во нашата земја која во моментов и нема некоја сериозна опозиција, бидејќи ваквата економска концепција, во суштина, започна со претходната влада а сегашната само продолжи да ја усовршува и да ја проширува во многу домени. Нешто поразлично и поинакво, но доволно силно и влијателно на повидок на политичката и идејната сцена, засега нема.
Во такви услови не би било изненадување доколку економијата на подолг рок остане заробена во канџите на таквиот речиси сеприсутен интервенционизам што има намера сите или речиси сите економски фактори и дејности да ги третира како непазарно ориентирани што не би можеле да обезбедат сопствен опстанок, или во почиста форма каква што ни се прикажува од страна на Владата, не би можеле да обезбедат сопствен иден развој, доколку не се државно помогнати на еден или друг начин. Хајек (за чие дело и јас како и многу други економисти имам многубројни дилеми) уште во 1944 година, во една од своите највлијателни книги, а сакајќи да укаже на можната бесмисленост од потценувањето на моќта на пазарот и пазарниот механизам, соопшти дека тоа е „патот кон ропство“.
Јасно е дека ваквите општи одредници за тоа како една држава и општествен систем ќе се постават кон проблемот на регулацијата на економијата е многу општа и бара многу пошироки и подетални елаборации, но сепак, во крајна инстанца, таа е продуктивна бидејќи се труди да го пропише базичниот модел што ќе доминира во економијата. За да ги појасниме овие феномени на едно актуелно општествено и економско прашање можеме да се запрашаме, на пример, како да се постапи во врска со одредувањето на висината на минималната месечна плата во земјава и како да се стимулираат инвестициите и извозот. Едната крајност е да не постои законски пропишана минимална плата бидејќи, според екстремните неокласичари таа би претставувала отстапување на платите од оние што би биле кога би имале сосема слободен пазар на трудот и соодветно на тоа би се креирала дополнителна невработеност. Во отсуство на таа, да ја наречеме „антипазарна“ мерка, според неокласичарите, економијата би требало да заврши во состојба на полна вработеност или барем со природна стапка на невработеност.
Другата крајност би била превисоко и арбитрарно утврдената минимална плата што би го потиснала пазарот на трудот, би ги зголемувала трошоците од работењето, би ја намалила профитабилноста од економските активности и конечно би ги обесхрабрила инвеститорите за идно инвестирање. Изборот не е лесен, но упатува на потреба од соодветен интервенционизам и постоење на законски пропишана минимална плата чија висина треба многу внимателно да се определи и да се изгради предвидлив механизам за нејзиното усогласување со останатите економски движења во националната и глобална економија во иднина.
Сосема е спротивно кога се работи за стимулирањето на инвестициите и извозот што во последно време се предмет на интервенционистички државни влијанија. Пропишувањето на одредени ценовни или други парични интервенции во тој случај е излишно и непродуктивно. Нивниот раст, пред сè, треба да се обезбеди преку стабилноста и предвидливоста на економскиот амбиент и непопречувањето на функционирањето на пазарниот механизам од страна на државата која во овој случај е доволно да си ги извршува своите функции на обезбедувач на количината и квалитетот на јавните добра и обезбедувањето на макроекономски поволен амбиент за инвеститорите и извозниците. Никакви буџетски или вонбуџетски директни стимулации не се потребни бидејќи тие се арбитрарни, волунтаристички и непродуктивни, соочени со опасноста да бидат пат кон соодветно ропство.
Според известувањето на медиумите, на една средба на владин министер задолжен за економски прашања и деловни луѓе во Стопанската комора на Македонија што се одржа деновиве, голем број од дискутантите воопшто не бараа од Владата да им исплаќа редовни и зголемени субвенции за сè и сешто, туку едноставно властите преку својата администрација да си ги извршуваат своите пропишани надлежности соодветно на законите без застои и индивидуална арбитрарност. Тоа, всушност, е едно од традиционалните јавни добра – обезбедувањето на јавните услуги од страна на јавната администрација на задоволителен и ефикасен начин. Реакцијата на присутниот член на владата беше колку изненадувачки искрена толку и поразителна – тој јавно призна дека, цитирам: „Администрацијата е бавна и прави проблеми“.
Ова е несакано признание дека најголемиот дел од проблемите во економијата не се создаваат од „лошото“ функционирање на пазарниот механизам туку, напротив, од попречувањето на неговото слободно функционирање. Таквите проблеми не се решаваат со дополнително администрирање и арбитрирање од типот на, повторно цитирам: „Ќе промовираме брзо една мерка, воведување на еден хотлајн во рамките на една канцеларија каде што деловните луѓе ќе можат онлајн да се јавуваат и да може Владата да реагира за нивните проблеми“. Потребни се подобри услови и постабилен амбиент за стопанисување, а не субвенции. Потребно е владата да си ги испорача своите обврски и тоа за многумина ќе е доволно без потреба од дополнително вбризгување на буџетски пари за стимулација на нови инвестиции, нов извоз, нови вработувања и слични иницијативи во сектори и области за кои постојат сосема поинакви механизми за нивно поттикнување од оние буџетските.