АЦВ: Прекршувањето на правилата за користење дрон под изговор “не сме знаеле” не е прифатливо


Фото: Б. Грданоски

Агенцијата за цивилно воздухопловство, за да се избегнат, како што велат натамошни непријатни ситуации и непотребни шпекулации , соопшти дека “Правилникот за воздухоплови без екипаж”, во кој во целост се имплементираат европските регулативи “Regulations (EU) 2019/945 and 2019/947”, е степен на сила од  јуни 2024 година  (Сл.Весник 115 од 31 мај 2024) со одложена примена од  – 1 јануари 2025 година.

-Во текот на 2024 година од страна на АЦВ се преземени низа активности за информирање на јавноста, посебно на корисниците на воздухоплови без екипаж, вклучувајќи ги и медиумите, за стапување на сила на новата регулатива при што како завршен настан на промотивната кампања на 14 декември во Дом на АРМ беше организирана работилница каде сите заинтересирани можеа да ги добијат потребните податоци, директно од вработените во Агенцијата за цивилно воздухопловство кои работат на оваа проблематика.

Дополнително, сите информации во врска со начинот и правилата за оперирање со воздухоплови без екипаж во македонски воздушен простор 24/7 се лесно достапни на веб страницата на Агенцијата (www.caa.gov.mk) и/или (www.drone.gov.mk). Оттаму прекршувањето на правилата под изговор “не сме знаеле” е неприфатливо.

Забраната за директно надлетување на луѓе е стара веќе 10 години и истата е предвидена уште со “Уредба за условите под кои воздухоплов без екипаж може да лета во македонски воздушен простор” донесена од Владата на Република Македонија во 2015 и 2017 година.
Истата одредба е предвидена и со новиот правилник со кој се имплементира Европската регулатива која што во член 4 предвидува дека: “Далечинскиот пилот воздухопловот ќе се управува на безбедно растојание од луѓе и дека нема да лета директно над луѓе – собири на луѓе”.

Во конкретниот случај со оглед дека Агенцијата за цивилно воздухопловство ја применува истата регулатива како и останатите европски држави, со ограничувањата кои се пропишани требало да се запознаени како македонските, така и странските оператори на воздухоплови без екипаж.

При вчерашните настани лицата кои управувале со дронови, морале да бидат регистрирани оператори на дронови и да поседуваат потврда за регистриран оператор на дрон издадена од АЦВ. Истите никако не смееле директно да ја надлетуваат групата, односно собирот на луѓе, бидејќи во ниту една категорија на операции со дронови (А1, А2 или А3) не е дозволено директно да се надлетуваат собири на луѓе. Лицата кои управувале со дронови морале да поседуваат сертификат за оспособеност за далечински пилот (А1/А3 или А2) издаден од АЦВ.

Операторите на дронови единствено би имале право да летаат во близина на луѓе (без директно надлетување на луѓе) доколку поседуваат оперативно одобрение за оператор на дронови, во посебна категорија, издадено од АЦВ. Оперативното одобрение се издава во управна постапка, која што вклучува детална проверка на операторот и системот за управување со безбедноста на летот опишан во Оперативниот прирачник на операторот кој се доставува на одобрување до АЦВ. При тоа далечинските пилоти мора да поседуваат сертификат за оспособеност во категорија на операции А2.

Во врска со поставувањето на забранети/ограничени зони, правниот основ од член 7 од Правилникот за воздухоплови без екипаж, односно член 15 од Европската регулатива не ја ограничува големината или времетраењето на географските зони кои можат да бидат забранети за летање со воздухоплови без екипаж. Единственото ограничување кое е пропишано со Чикашката конвенција за цивилно воздухопловство е дека забранетите зони за летање не можат да се протегаат над меѓународни води, односно во меѓународниот воздушен простор.
Креирањето на забранета зона за летање со воздухоплови без екипаж, се објавува во истиот момент кога е креирана на мапата за резервиран воздушен простор, достапна 24/7 на веб страницата www.drone.gov.mk и на www.caa.gov.mk. Секој оператор на дрон и секој далечински пилот пред да почне со реализација на планиран лет должен е да го најави летот на оваа мапа и при подготовката на летот да се запознае со состојбата во воздушниот простор кој сака да го користи, како заради негова безбедност, така и заради безбедноста на другите оператори и уште поважно, безбедноста на трети лица на земја.

Покрај инспекторите од Агенцијата за цивилно воздухопловство, надзор врз операциите со воздухоплови без екипаж можат да вршат и полициски службеници согласно член 144 став 3 од Законот за воздухопловство.

Уште еднаш напоменуваме дека, неовластено, некоординирано оперирање на овие воздухоплови не само што го загрозува воздушниот сообраќај, туку може да предизвика сериозни последици по животот и имотот на трети лица на земја“, стои во објаснувањето на АЦВ..