Ацо Ристов ја презеде функцијата претседател на Регулаторната комисија за енергетика


Новоименуваниот претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ), Ацо Ристов, ја презеде функцијата од Лирим Сулејмани, заменик-претседател на РКЕ.

Комисијата соопшти дека на средбата за примопредавање на функцијата нејзините членови го информирале новиот претседател Ристов за тековните активности во секторите за кои е надлежна РКЕ, а кои се поврзани со енергетските реформи, како и за состојбата со водните услуги и статусот на процесите поврзани со новиот сектор – комунален отпад.

– Во фокус на состанокот беше начинот како РКЕ дејствува во време на ценовна нафтена криза и мерките што се преземени со цел амортизирање на ценовниот удар на нафтените деривати. Презентирани беа и временската рамка и процесот на усогласување на подзаконските акти и методологии со европското законодавство, што е обврска од новиот Закон за енергетиката. Беа споделени и активностите и преземените обврски кон меѓународните институции, како што се Енергетската заедница, Асоцијацијата на регулаторите за вода од Европската Унија – WAREG и Регионалната асоцијација на регулаторите за енергетика – ERRA – соопшти РКЕ.