Аца Лукас во политички виор во Босна. Додик му го откажа концертот на Јахорина
Фотографијата со поранешниот командант на воените сили на БиХ, Насер Рориќ, му донесе многу неволји на српскиот пејач
Концертот на српскиот турбо фолк пејач Аци Лукас што требаше да се одржи на 12 декември во Олимпискиот центар во Јахорина е откажан. Причината за откажувањето е фотографијата на која пејачот е во друштво на поранешниот воен командант на Армијата на РБиХ, Насер Ориќ.
„Фотографијата предизвика загриженост и возбуда кај јавноста во Република Српска. Јавноста ќе биде навремено информирана за новиот изведувач кој ќе настапи наместо најавениот, додека сите други програми во рамките на скијачкото отворање ќе бидат реализирани според планот“, се вели во соопштението на Олимпискиот центар, пренесува хрватски „Индекс“.
Бурни реакции
Фотографијата објавена од самиот Ориќ предизвика бурни реакции. Го вознемири претседателот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) и до неодамна претседател на Република Српска, Милорад Додик.
„Аца Лукас длабоко нè повреди сите нас во Република Српска со поврзувањето со Насер Ориќ. Злосторствата што Насер Ориќ и неговите војници ги извршија против српскиот народ во областа на Сребреница и Братунац беа монструозни, и затоа Лукас, фотографирајќи се со него, длабоко ги повреди потомците на жртвите и српскиот народ.
По овој чин, Аца Лукас го изгуби кредибилитетот за каков било иден настап во Република Српска, особено на отворањето на зимската сезона во Јахорина“, напиша Додик на Икс.
Кој е Насер Ориќ?
Насер Ориќ е бошњачки воен командант кој ја предводеше одбраната на енклавата Сребреница за време на војната во Босна и Херцеговина. За Бошњаците, тоа е симбол на одбраната на Сребреница од српските сили до нејзиниот пад во јули 1995 година.
Во исто време, многу Срби го сметаат за одговорен за злосторствата врз српските цивили во околните села во текот на 1992 и 1993 година.
Тој беше обвинет за воени злосторства врз Србите пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг, но беше ослободен во 2008 година. Судот заклучи дека, иако злосторствата биле извршени, не е докажано дека Ориќ лично ги наредил или можел да ги спречи.
Подоцна беше уапсен во Швајцарија по српска потерница, но беше ослободен од сите обвиненија по судењето во Босна и Херцеговина.
Вчера во интервју за „Аваз“, Ориќ го бранеше Лукас. „Гледам дека сега го претвораат човекот во предавник. Јас му се приближив и го замолив за фотографија. Верувам дека тој дури и не знаеше кој сум. Тоа е толку бесмислено, а на крајот на денот јас не сум воен злосторник, туку почесен војник на Армијата на РБиХ кој беше ослободен од сите обвиненија во Хаг“, забележа тој.
Тој нагласи дека немало лоша намера и дека фотографијата е направена на забава во куќата на заеднички пријател.
„Го сакам Аца, ја почитувам неговата работа и неговите песни, едноставно сакам да го слушам човекот како пее и тоа е сè. Гледам дека и Додик се огласи и бара на Аца да му се забрани учество на концертот. И Додик знае дека и јас бев добар за него и му се јавив кога му требав. Тој многу добро знае за што зборувам“, тврди Ориќ.
Лукас даде изјава преку Инстаграм по веста за откажувањето на концертот.
„Никогаш не побарав поддршка од Милорад Додик! А тој ја бараше мојата неколку пати, и ја доби! Жал ми е што Миле денес е само претседател на една партија. Не ги делам луѓето по националност, религија или боја на кожа, а најмалку од сè, не барам од моите обожаватели кои доаѓаат да се сликаат со мене лични карти за да знам кои се. Никогаш не учествував во ужасите на војната! Никогаш не учествував во поделбата на луѓето и земјите затоа што ги сакам сите луѓе на светот! И во секој агол од планетата каде што пеев, бев достоен претставник на мојот народ и на сите други народи на Балканот“, рече Лукас.