Aлбанската полиција: Груевски границата меѓу двете земји требалo да ја премине пешки


Според албанската полиција, поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој со цел да ја избегне затворската казна побара азил во Унгарија, „во Албанија несомнено влегол нелегално пеш“, пренесува БТА.

Според изјавата на портпаролот на албанската полиција Гентиан Мулаи, дадена за АФП, Груевски во Албанија несомнено влегол нелегално пеш, посочувајќи дека неговиот влез не е регистриран на ниту еден граничен контролен премин меѓу Македонија и Албанија.

Мулаи посочува дека „за да не привлече внимание, Груевски границата меѓу двете земји требалo да ја премине пешки, дали кај Преспа – Југоисточна Албанија, дали преку Дебар – Североисточна Албанија“.

Како што синоќа јави МИА, Албанија официјално потврди дека Груевски за Унгарија заминал преку Албанија.

Секторот за граница и миграција при албанската државна полиција наведе дека Груевски Албанија ја напуштил преку преминот Хан Хоти-Муриќан, на албанско-црногорската граница. Албанската полиција соопшти дека тој ја напуштил Албанија во 19.11 часот, како патник во автомобил со регистарски ознаки CD1013A, сопственост на амбасадата на Унгарија во Тирана.

Беше наведено дека, истиот ден кога поранешниот македонски премиер бил на територијата на Албанија, не постола потерница од Македонија или Интерпол. Сепак, албанската полиција синоќа не соопшти ништо во однос на тоа преку кој граничен премин Груевски влегол на албанската територија. с