Обвинителството следи што се случува со Алта банка


Ненад Савески (Фото: Б. Грданоски)

 

Засега е рано да се каже дали обвинителството ќе преземе нешто во врска со Алта банка во Битола.

Тоа денеска го изјави државниот јавен обвинител Ненад Савески на прашањето дали обвинителството презема или ќе преземе некакви истражни дејствија во врска со случајот со Алта банка.

Дали Обвинителството нешто истражува и дали ќе се вклучи од свој агол во расчистувањето на прашањата што се отворија и се отвораат околу Алта банка Битола, чиј мнозински акционер Алта банка Белград е под стечај, а тамошните правосудни власти веќе отворија истрага а сопственикот на банката, Давор Мацура, е во притвор – го прашаа новинарите Савески, по седницата на Советот на јавните обвинители, чиј член е тој по функција.

Според него, Јавното обвинителство со внимание ја следи ситуацијата со банката и доколку утврди дека има некакви елементи што укажуваат на сторено кривично дело ќе мора да реагира. Но, во овој момент, додава, прерано е да даде одговор на ова прашање.

„Како и секоја констатирана ситуација којашто буди особен интерес во јавноста, така и ова ситуација се набљудува од страна на Јавното обвинителството и доколку детектираме дека станува збор за нешто што е поврзано со кривично-правен настан ние немаме друг избор освен да реагираме. Меѓутоа не можам конкретно да ви одоговорам во овој момент бидејќи тоа е прерано“, рече тој..

На прашањето дали евентуално побарале некакви информации од српското обвинителство, Савески посредно одговори дека таква работа засега нема, но доколку се јави потреба од такво нешто, комуникацијата и соработката би се оствариле без никакви пречки.