За Мицкоски извештајот на ЕК бил подобар од лани. Имало реформи, проблем се политичките услови
Амбасадорот Рокас нагласи дека независното судство и борбата против корупцијата се приоритет за ЕУ, нагласувајќи дека таму не е постигнат напредок
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија е подобар од лани и дека во него нема ниедна оценка за назадување, а во две преговарачки поглавја е забележано зголемување на нивото на подготвеност за членство во Европската унија.
На заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Михалис Рокас, кому му се заблагодари за поддршката за државата, истакна дека Европската комисија констатирала напредок во спроведувањето на реформската агенда и ја вброила земјата меѓу оние со најдобри резултати во рамките на европскиот инструмент за реформи и раст.
„Имаме подобар извештај од минатата година. Европската комисија констатира значителен напредок во спроведувањето на нашата реформска агенда и нè вбројува меѓу земјите со најдобри резултати во рамките на европскиот инструмент за реформи и раст. Во годишниот извештај нема ниедна оценка за назадување, напротив. Во две преговарачки поглавја е зголемено нивото на подготвеност за членство во Европската унија, односно во дигиталната трансформација и медиумите, како и во образованието и културата. Минатата година такво подобрување беше забележано во едно поглавје“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека овие оценки се поткрепени со конкретни резултати, наведувајќи дека до јуни годинава Европската комисија ослободила 142,1 милиони евра во рамките на реформската агенда.
Премиерот се осврна и на економските показатели наведени во извештајот, во кој се потврдува економски раст од 3,5 проценти во 2025 година, како и намалување на невработеноста од 12,5 на 11,7 проценти. Притоа нагласи дека извештајот го опфаќа периодот заклучно со 31 август годинава, а дека во меѓувреме Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка ги ревидирале нагоре прогнозите за економскиот раст.
Мицкоски посочи дека Европската комисија нотирала добар напредок и во дигиталната трансформација, науката и истражувањето, како и во надворешната и одбранбената политика. Во делот на дигитализацијата, тој информира дека до јуни годинава 44 државни институции го користеле новиот систем за електронско управување со документи. Националниот портал, според податоците до крајот на август, опфаќал 338 електронски услуги, вклучително и оние што се делумно достапни, а неговото користење било двојно зголемено во споредба со претходната година.
Зборувајќи за делот со правосудството, каде има силни негативни оценки за притисоци, прозивки и политички влијанија, тој го истакна само носењето на Законот за судскиот совет, иако и тој според ЕК „во голема мера ги адресира препораките на Венециската комисија“. Притоа го најави носењето на новиот Кривичен закон и Законот за кривична постапка кои според него се подготвени, нагласувајќи дека кога ќе бидат донесени – оттогаш ќе почнат да се применуваат, односно нема да можат да се применат на функционери од претходната власт, на која ја префрли целата одговорност за неказнивоста во државата. Лани, се пофали Мицкоски, околу праводуството стоеше дека нема напредок, а годинава – дека има одреден напредок.
„Тоа е поместување што треба да продолжи да се потврдува со резултати во пракса“, истакна премиерот.
Во однос на надворешната и одбранбената политика, Мицкоски рече дека Европската комисија ја потврдува целосната усогласеност на земјата со заедничката политика на Европската унија, што, според него, претставува потврда за стратешката определба и улогата на Македонија како сигурен и кредибилен европски партнер.
Премиерот нагласи дека извештајот, покрај позитивните оценки, содржи и забелешки, што Владата ги сфаќа сериозно и на кои треба да се работи во следниот период. Како отворено прашање ги посочи и уставните измени, но повторно избега од нив како тема, враќајќи се повторно на претходната власт како одговорна што се бара таков услов од нас, место да каже дали и како ќе ги исполни. Притоа повторно инсистираше дека европските интеграции треба да се темелат на јасни правила, предвидлив процес и меѓусебна доверба.
„Нашата држава има обврска да ги спроведува реформите. Европскиот процес има потреба од доследност и предвидливост. Ние немаме недостиг на реформи, туку преостанати политички услови“, нагласи Мицкоски.
Тој оцени дека во актуелните сложени геополитички околности европската интеграција добива дополнително значење бидејќи безбедноста на европскиот континент, економската конкурентност, енергетската стабилност и отпорноста на надворешни влијанија сè повеќе зависат од способноста на Европа да дејствува заеднички.
„Западен Балкан е дел од оваа европска иднина. Затоа веруваме дека процесот на проширување мора да добие нова енергија. Таа енергија мора да произлезе од реформите што ги спроведуваат земјите кандидатки, но и од јасната политичка посветеност на самата Европска унија“, рече Мицкоски.
Тој порача дека Владата е подготвена да го преземе својот дел од одговорноста преку зајакнување на институциите, подобрување на економијата, борба против корупцијата и усогласување на законите и стандардите со европските.
„Не бараме привилегии. Бараме доследна примена на принципот дека напредокот треба да се вреднува според постигнатите резултати. Веруваме во Европа, која ги исполнува своите ветувања, која ги почитува своите принципи и која има доволно самодоверба да ја продолжи својата историска мисија на обединување“, рече Мицкоски.
Амбасадорот Рокас пак порача дека ЕУ останува целосно посветена на европската иднина на нашата држава и дека проширувањето продолжува. Тоа што Македонија е одвоена од првите четири земји тој го престави како технички факт – дека се посебна група затоа што имаат отворено поглавја, но и напредуваат.
Околу фалбите на премиерот за остварените реформи, што главно ги лоцираше околу дигитализацијата, наука и образованието, Рокас рече дека треба да се направи разлика меѓу Реформската агенда и извештајот, бидејќи тој опфаќа повеќе области. Па, нагласи што е приоритет на ЕУ од тој аспект – независно правосудство, силни институции и борба против корупцијата, јасно нагласувајќи дека околу последното не е постигнат напредок. Тој побара и судството и обвинителствата од притисоци, слобода на медиумите, реформа на јавната администрација и поголема контрола на јавните набавки. Па, резимираше дека работата на реформите мора да продолжи и дека уставните измени сѐ уште не се донесени, уверувајќи дека ЕУ ги препознава притоа нашите напори и потенцијалот и аспирациите на македонските граѓани.
„Извештајот е јасен патоказ за патот натаму“, рече Рокас, потврдувајќи по прашање на новинар дека граѓаните треба да го гледаат како позитивен бидејќи кажува што да правиме и како да одиме напред.
„Очигледно сакаме уште повеќе напредок“, порача дипломатски Рокас.
Околу одвојувањето на нашата земја од групата што напредува кон членство Рокас рече исто така дека Македонија има добро ниво на подготвеност за ЕУ и дека е меѓу првите земји околу остварувањето на Реформската агенда. (С.Ј.)