Фон дер Лајен ќе најави повеќе пари за добрите ученици од Западен Балкан: За Црна Гора и Албанија плус 15, за Македонија 10 отсто
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, сака добри најави, особено кога на дневен ред има самит. Денешниот собир ЕУ-Западен Балкан нуди токму таа прилика: Комисијата се подготвува да ги награди најдобрите ученици од регионот со дополнителни средства, прераспределувајќи ги парите што ги изгубиле земјите што ги пропуштиле роковите за реформи.
Црна Гора и Албанија ќе добијат зголемување од 15 проценти на нивните алокации, додека Македонија ќе добие 10 отсто повеќе, изјавија за „Политико“ двајца претставници на ЕУ запознаени со планот.
Губитници се другите три земји од регионот: Србија, Косово и Босна и Херцеговина. Комисијата ја финализираше својата проценка и соопштението би можело да дојде „многу наскоро“, рече трет претставник.
Прераспределбата е во рамките на Планот за раст на ЕУ од 6 милијарди евра, започнат во 2023 година, кој ја поврзува финансиската поддршка со напредокот на реформите.
Самитот почнува денес попладне во 17 часот, Антонио Кошта и Урсула фон дер Лајен ќе имаат прес-конференција во 19,15 часот, а од 20 часот ќе има работна вечера.
Лидерите на денешниот самит ќе разговараат за имплементацијата на Планот за раст. Пораката што ќе биде упатена е ако реформите одат бавно и роковите се пропуштаат парите ќе ги добие некој друг.
Ова е трет самит ЕУ-Западен Балкан за помалку од 12 месеци – знак на обновен политички моментум зад проширувањето и невидено забрзување во преговорите за пристапување, рече друг функционер на ЕУ.
Друга работа што треба да се следи е изјавата наречена Бриселска декларација што треба да се објави по самитот. Земјите од ЕУ се согласија за текстот, а сега е на владите на Западен Балкан да се приклучат. Со неа треба да се обнови акцентот на европските вредности. „Очекуваме партнерите да отфрлат какво било величење на воените злосторници, негирање на геноцид и ревизионизам“, рече функционер на ЕУ за „Политико“, осврнувајќи се на неодамнешниот погреб на Ратко Младиќ, поранешниот командант на војската на босанските Срби и осуден воен злосторник.
Засега не се знае кој ќе ја претставува Србија затоа што единствениот функционер именуван по изборите, претседателот на собранието, Алексанадр Чупиќ (кој е и в.д. претседател на Србија) се заблагодари на поканата на Кошта поради преголемите обврски дома.