Али Ахмети му пишува на министерот за правда: Какви се јазичните права на Албанците


Министерот за правда, Јетон Шасивари (Фото. Б. Грданоски)

 

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, му испрати јавно писмо на министерот за правда, Јетон Шасивари, во кое го прашува за јазичните права на Албанците, за почитувањето на правниот поредок на државата и за „спроведувањето на едно право стекнато со големи жртви, политички отпор и институционални напори“.

Ахмети вели дека ова прашање било надвор од рамките на правните толкувања, „кои вие, намерно или ненамерно, имате тенденција да ги изолирате и ограничувате“.

„Законот за употреба на јазиците, усвоен во 2018 година и кој стапи во сила во 2019 година, претставува значаен акт и достигнување во остварувањето на јазичните права на Албанците, во согласност со Амандманот V на Уставот и Охридскиот мировен договор, од кој произлегува и со кој е поврзано ова право. Охридскиот мировен договор истовремено претставува пресвртница и темел на правната и институционалната вклученост на Албанците во државата.

За жал, во текот на повеќе од две години од владеењето на оваа Влада, се забележува загрижувачки тренд на стеснување на колективните права на Албанците, особено на јазичните права. Слабеењето на правната и институционалната положба на Инспекторатот за употреба на јазиците, преку одземањето на статусот на правно лице, како и маргинализацијата на Агенцијата за примена на јазиците, се показатели и докази за овој ограничувачки пристап во рамките на системот.

Во овој контекст, прашањето за полагањето на правосудниот испит и другите државни стручни испити на албански јазик стана сериозен тест за почитувањето на законот и еднаквоста на граѓаните“, вели Ахмети во писмото.

Тој му порачува на министерот Шасивари дека не постои никаква правна нејаснотија што би можела да послужи како оправдување за негирање на ова право. Законот за употреба на јазиците јасно го уредува ова прашање. „Станува збор за јасна законска рамка и определба, која се темели и врз правниот принцип lex specialis derogat legi generali. Законот за употреба на јазиците е посебен закон за јазичните прашања и неговите одредби имаат предност во примената во однос на одредбите од другите закони што ја уредуваат истата материја.

Затоа, сакам уште еднаш јасно да нагласам: правосудниот испит неопходно треба да се полага и на албански јазик. Секое друго решение со кое би се ограничила или условувала употребата на албанскиот јазик при полагањето на овој испит е во спротивност со Законот за употреба на јазиците.

Сакам да нагласам и уште еден суштински аспект: правосудниот испит е стручен испит за оценување на правните знаења, а не тест за познавање на македонскиот јазик.

Особено загрижува она што се подготвува да биде презентирано пред Венецијанската комисија. Располагаме со информации дека во текот на оваа недела во Министерството за правда се одржуваат координациски состаноци, на кои се вклучени и Инспекторатот и Агенцијата за примена на јазиците, со цел да се менаџира институционалното незадоволство и да се изгради заеднички став во прилог на предлог-решението на Владата.

Според овие информации, целта е пред претставниците на Венецијанската комисија, да се претстави како унапредување едно решение според кое правосудниот испит би се полагал делумно на албански, а делумно на македонски јазик. Сакам да бидам сосема јасен: ваквото решение не претставува чекор напред, не претставува унапредување“, вели Ахмети во писмото до министерот за правда Јетон Шасивари.