„’Фајненшел тајмс’ може да пишува што сака“: Мицкоски убеден дека секаде може да објави „нарачан текст“
Што напиша пред две години „Фајненшел тајмс“ за контролата што Европската централна банка ја направи на компанијата на Давор Мацура?
Премиерот Христијан Мицкоски вчера ја доведе во прашање репутацијата на еден од најугледните светски весници, британскиот „Фајненшел тајмс“, поради објавен текст за „Алта груп“, компанија мајка на Алта банка која ја поседува битолската истоимена банкарска институција.
Тој во интервју за „Топ тема“ на ТВ Телма изјави дека „Фајненшел тајмс“ „може да пишува што сака“, како и дека „може да нарачаме текст каде сакате, во каков сакате портал и сешто да пишува, ако сакаме тоа да го зборуваме“.
Ова, во основа беше одговорот на Мицкоски околу актуелните случувања во Алта банка Битола и пишувањето на „Фајненшел тајмс“ пред две години во текст во кој се вели дека Европската централна банка го оспорува обидот за преземање на австриската Адико банка од страна на српската групација.
„Можете да нарачате текст!?“, праша видно изненадената уредничка Наташа Стојановска, на што Мицкоски одговори: „Па, можеме сѐ да направиме ако сакаме“, додавајќи: „Не знам што не е добро тука“.
На дополнително прашање дали нарачува текстови, Мицкоски одговори: „Не, не. Јас ви кажувам хипотетички дека може да се нарача текст во кој било медиум и на било кој начин. Не велам дека тоа ќе се случи, да се компромитира некој. Во случајот, ‘Фајненшел тајмс’ или некој друг медиум, може да пишува што сака, но јас ја зборувам фактичката состојба“, рече Мицкоски.
Таа фактичка состојба, според Мицкоски, е дека загриженоста на Европската централна банка не се однесувала на репутацијата на Давор Мацура (сопственикот на Алта банка, кој сега е уапсен во Србија), туку поради тоа што покрај неговата сопственост во Адико банка од 9,9 отсто, акции од оваа австриска банка стекнало и правно лице кое било поврзано со Мацура.
„Истиот тој Давор Мацура има доволна репутација да се стекне со отприлика 9,9 отсто од сопственоста на Адико банка во Австрија“, рече Мицкоски додавајќи дека не е точно дека ЕЦБ повела постапка поради сомнеж за перење пари, туку дека за неа било спорен фактот што покрај Мацура и друго правно лице се стекнува со капитал од 9,9 проценти.
„ЕЦБ вели ова правно лице има поврзаност со лицето Давор Мацура што значи дека не смее да се стекне, не смее да има таква поврзаност, и тука воопшто не станува збор за перење пари или не знам што“, рече Мицкоски.
Ова што сега го говори Мискоцки е целосно спротивно од она за што пишуваше „Фајненшел тајмс“ пред две години, кога во текст од 14 октомври 2024 година посочува на активност на ЕЦБ, која го оспорила обидот за преземање од страна на српската банка поради загриженост за перење пари.
Тогаш ФТ пишуваше дека зголемувањето на уделот во австрискиот заемодавач Адико е под лупа на Европската централната банка, како и дека ЕЦБ го оспорува преземањето на австриската банка Адико од страна на српскиот заемодавач Алта пеј поради загриженост поврзана со потенцијално перење пари.
„Алта пеј е во сопственост на еден од најистакнатите претприемачи во Србија, Давор Мацура, кој има политички врски со личности блиски до претседателот Александар Вучиќ. Српската групација стана најголем акционер во Адико претходно оваа година, формирајќи ја својата позиција преку неколку одделни корпоративни субјекти. ЕЦБ ги суспендираше правата на глас поврзани со речиси 20 проценти од акциите во Адико во август, јавно наведувајќи ги техничките правила за откривање на уделот. Сепак, зад интервенцијата стои и повеќемесечна истрага од страна на ЕЦБ за Алта пеј“, изјавија за „Фајненшел тајмс“ четири лица со директно познавање на истрагата.
Истрагата, како што се наведува, довела до сериозни загрижености во Франкфурт во врска со внатрешните проверки и контроли на српската група и финансиските ресурси на Мацура.
Една значајна загриженост е што претставниците на ЕЦБ не веруваат дека Алта пеј има соодветни политики или практики за да обезбеди…“ законско потекло на средствата депонирани кај неа.
Невообичаената интервенција на ЕЦБ во инаку мал регионален банкарски договор илустрира како растечките геополитички тензии го ставија интегритетот на европските финансиски институции во фокусот, а регулаторите во регионот на висока готовност, се вели во текстот.
Сето ова, за Мицкоски, по сѐ изгледа е „ветер и магла“, и очигледно не било доволен аларм надлежните во земјава да отворат четири очи и да проверат дали е соодветно влегувањето на Алта банка на македонскиот финансиски пазар.
За жал, развојот на настаните во Србија со тамошната Алта банка и апсењето на нејзиниот сопственик Давор Мацура, како и мерките што беа преземени од регулаторите во Црна Гора во врска Алта пеј, и во Македонија каде што Алта банка Битола е ставена под администрација на Народната банка, повеќе одат во прилот на информациите на „Фајненшел тајмс“, отколку на објаснувањето на Мицкоски.
Инаку, кога станува збор за „Фајненшел тајмс“, познато е дека информациите објавени во овој весник со долга традиција (основан е во 1888 година) имаат силно влијание врз економскиот сектор и врз финансиските пазари во Европа и во светот и тешко е да се претпостави дека весник со таква традиција и реноме ќе ја доведува во прашање својата репутација со „нарачани текстови“, според урнекот кој го презентира Мицкоски.
„Фајненшел тајмс“ е широко признат како еден од најверодостојните и најавторитетните извори во светот за глобално деловно, финансиско и економско новинарство. Независните медиумски евалуатори постојано му даваат на „Фајненшел тајмс“ највисоки оценки за точност. Ужива углед на суштинско четиво меѓу институционалните инвеститори, корпоративните директори и креаторите на политики.
Весникот доби повеќе новинарски награди за длабински финансиски истраги – особено неговото известување за разоткривање на сметководствената измама во германската компанија за плаќања Wirecard пред нејзиниот колапс. (М.Ј.)