Со милион евра реконсруиран патот од „Св. Јоаким Осоговски“ кон Калин Камен


Општина Крива Паланка ја заврши реконструкцијата на локалниот пат од манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ кон Калин Камен. Асфалтирана е делница во должина од 6 километри, со вкупна вредност на инвестицијата од 61.116.772,50 денари со вклучен ДДВ.

Финансиските средства за реализација на проектот се обезбедени преку Министерството
за транспорт.

Носител на проектот-инвеститор е Општина Крива Паланка, додека изведувач на градежните активности е компанијата ДППУ „Сандра Инженеринг“ ДОО Скопје.

 

Со реализацијата на овој инфраструктурен проект се обезбедува подобар пристап до еден од најубавите природни предели на општината и се подобруваат условите за движење на локалното население и посетителите.

„Со завршувањето на реконструкцијата на овие шест километри пат, обезбедуваме подобар пристап до Калин Камен и отвораме нови можности за туристички развој. Ги поврзуваме нашите природни и културни богатства и создаваме услови повеќе луѓе да ги посетат и да ги доживеат убавините на Осоговието. Ова е инвестиција во нашата општина, во локалната економија и во потенцијалот што го има Крива Паланка“, “, изјави градоначалникот Сашко Митовски.

Обновениот пат ги поврзува манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ и Калин Камен, две препознатливи дестинации што ги обединуваат духовното и културното наследство со природните богатства на Осоговието.

Подобрата патна поврзаност создава услови за поголема посетеност, развој на угостителските и рекреативните содржини и збогатување на туристичката понуда.

Истовремено, Калин Камен станува подостапен за семејни посети, планинарење и престој во природа.

Со завршената реконструкција, Општина Крива Паланка продолжува да вложува во инфраструктурата како основа за локален развој и промоција на туристичките потенцијали.